Иако специјал на ХБО важеше за врвот во кариерата и заработувачката на еден комичар, Нетфликс последниве години благодарејќи на избезумени договори успеа да ја собере комплетната елита од американските комичари.
Под избезумени суми се мисли на следното: Крис Рок има договор за два стенд-ап специјали со Нетфликс за кои ќе биде платен по 20 милиони долари од шоу. Дејв Шапел го има истиот договор, на истата сума ама он ќе има три шоуа од по 20 милиони долари. За Сајнфелд важи тарифата од воведот.
Според Вараети магазинот дури и не толку познатите комичари заработуваат добри пари од Нетфликс, кој ги плаќа меѓу 3 и 10 милиони долари.
Минатата година Нетфликс објави 25 специјали, а годинава објавува речиси по еден неделно. За разлика од нив ХБО во 2016 имаше само 3, а за годинава има закажано 4.
Објаснувањето на претседателот за програма на ХБО, Кејси Блојс е дека без разлика на сумите и бројките и помпата, никој не го гледа тоа. Блојс за Холивуд репортер објаснува "како категорија, стенд-ап специјалот има помалку од 1% гледаност на Го и Нау (стриминг сервисите на ХБО)". Што се однесува до стратегијата на ХБО околу комичарите, Блојс порачува дека не планира да плаќа прекумерни суми, "кога цените ќе се симнат, или кога пак ќе има смисла, релативно е лесно да се вратиш. Само ќе почекаме".