Во последниот меморандум за корпоративна култура на Нетфликс, компанијата зазема тврд став во однос на обидите да се замолчи уметничкото изразување со отворено предупредување кон оние вработени кои го правдаат својот активизам за канселирање луѓе со тоа што биле навредени од некоја содржина.
Пораката за нив е едноставна: „Ако не ви се бендисува кај нас, можеби сакате да одите на друго место?“
Варајети пишува дека промената во компаниската култура на Нетфликс најверојатно е резултат на неочекувано гневните и дрски реакции на дел од вработените кои бараа отстранување на Дејв Шапел од платформата, бидејќи им бил трансфобичен.
Ажурираниот меморандум на Нетфликс вклучува ново поглавје наречено „Уметнички израз“ во кое се наведува дека компанијата нема да „цензурира специфични уметници или гласови“ дури и ако вработените сметаат дека содржината е „штетна“.
„Ако ви е тешко да ја поддржите нашата содржина, Нефликс можеби нема да биде најдоброто место за вас“, се наведува во белешката.
Во неа се најавува дека од вработените може да се бара да работат на проекти за кои „сметаат дека се штетни“ и дека ако им е тешко да ја прифатат својата работна задача, можеби ќе сакаат да размислат да работат на друго место.
„Светот на забавата е неверојатна можност и предизвик бидејќи гледачите имаат многу различни вкусови и гледишта. Нудиме широк спектар на ТВ емисии и филмови, од кои некои можат да бидат провокативни“, се вели во новиот дел во кој се додава дека Нетфликс решил да го поддржува уметничкиот израз на креаторите со кои избира да работи.
„Наместо да цензурираме специфични артисти и гласови, ги оставаме гледачите да одлучуваат што е соодветно за нив“, се наведува во новите правила.