И онака посрамотениот холивудски продуцент, во ресторан во Аризона морал да истрпи и кафански јунак кој решил „ да му каже во лице“ што мисли за него и после да му удри пар бекхенд шамарници.
Според повеќе очевидци на настанот, меѓу кои и менаџерот на ресторанот, извесен Стив прво отишол на масата на Вајнстин на која тој бил на вечера со својот „тренер за трезност“ (тој па, по кафани го шета, да му ја челичи волјата). Учтиво му било кажано дека Вајнстин не е расположен за сликање па Стив се вратил на својата маса. Но, неколку пијачки подоцна, им рекол на пријателите да активираат телефоните, повторно отишол кај Вајнстин, ама овојпат лут, му рекол дека е говно заради она што им го правел на жените и го заплескал. Нормално, тоа видео потоа е продаденона TMZ кој за дебели пари често откупува таблоидни видеа за познати личности.
Среќа за него што на Вајнстин во моментов не му одговара никаков публицитет па ниту викнал полиција ниту планира да го тужи.
Инаку, се работи за класичен тип на таканаречен „алтруистички криминал“, кога некој си зема за право лично да го казни оној за кого многу луѓе веруваат дека заслужува казна. Менталитет кој го гледаме секојдневно по социјални мрежи. Ви текнува кога македонската Фејсбук толпа планираше и се хушкаше сама да му пресуди на скопски таксист бидејќи „разбрале дека тој ја силувал“ онаа кутра девојка која заврши трагично по пад од висококатница? Е, тоа.
„Вајнстин (наводно) е силувач и тоа значи дека треба да биде обвинет, осуден и ставен во затвор. Не значи дека треба да биде вреќа за боксирање на секоја пијана будала која ќе се најде во негова близина“, пишува коментатор на Хот Ер, кој потсетува дека цивилизираните народи ѝ имаат дадено монопол на државата да се служи со насилство (право кое е прецизирано во многу процедури) кога средува некој проблем.