Дилан се извини што автограмите ги штанцал

Боб Дилан ретко дава јавни изјави, уште поретко го прави тоа за да се извини. Овојпат го стори тоа, откако се откри дека неговите „рачно потпишани“ книги кои се продаваа за бааги пари, биле потпишани со автоматско пенкало. Му се вртело и не можел да стаса. Плус нагази во деветтата деценија од животот.

Дилан јавно се извини за својата „грешка во проценката“ среде контроверзите за употреба на машина за автограми на специјалните копии од неговата нова книга, кои беа рекламирани како „рачно потпишани“.

Книгата, „Филозофијата на модерната песна“, содржи коментари на легендарниот кантавтор на песни од други уметници и беше објавена на почетокот на ноември, со ограничена серија од 900 „рачно потпишани“ примероци кои се продаваа за по 599 долари.

Кога купувачите почнаа да ги добиваат своите примероци од книгата, многумина споделија фотографии од нивните книги на интернет и брзо се сфати дека потписите се сомнително идентични.

81 годишната легенда вели дека цел живот рачно потпишува автограми.

„Меѓутоа, во 2019 година имав лоши вртоглавици кои продолжија во годините на пандемијата“, напиша тој. „Потребно беше да имам петмина близу мене да ја завршиме работата како што треба но не најдовме безбеден и функционален начин да го направиме тоа додека беснееше вирусот“.

Дилaн  објаснува дека роковите почнале да го газат, му било предложено автоматско пенкало и тој ја прифатил идејата, откако го убедиле дека тоа постојано се прави во уметничкиот и литературниот свет.

За користење автоматско пенкало за потпишување албуми претходно беа обвинети Ози Озборн, Доли Партон, Ван Морисон и Шинејд О Конор.

Патентирано е уште во 1803 и еден од првите купувачи бил американскиот претседател Томас Џеферсон. Линдон Џонсон прв призна дека се користи во Белата куќа а Барак Обама беше првиот кој со него потпиша закон.

 

30 ноември 2022 - 14:44