Бакингем е многу ажурен кога е во прашање снајката

Во очи на премиерата на интервјуто на Хари и Меган со Опра каде меѓу друго се зборува и за британската династија, вработени на кралското семејство излегоа во јавност со обвиненија за малтретирање од страна на Меган, за што кралското семејство најави дека ќе започне истрага. Тоа што ги интересира другите семејства во Британија е каде е истрагата за принцот Ендру и Џефри Епстин?

Ко-авторката на биографијата за Хари и Меган, Керолин Дурант, ја обвини Бакингемската палата за двојни стандарди, не затоа што објавиле дека ќе спроведат истрага за тврдењата против Меган, туку затоа што никогаш јавно не објавиле дека ќе спроведат истрага околу документираното пријателство меѓу принцот Ендру (братот на Чарлс) и Џефри Епстин.

„Зошто нема истрага околу принцот Ендру и обвиненијата против Епстин и жените кои ги дале овие обвиненија?

Зошто од него не се бара да соработува со американските власти? Зошто воените почести на принцот Хари беа одземени (откако тој излезе од кралското семејство) а на принцот Ендру се уште не му се одземени?“ прашува Дурант.

Уредничката која го покрива кралското семејство за Ванити феир, изјавува дека се забележува голема поделба меѓу САД и Британија, бидејќи голем број Американци во семејната расправија се на страната на Меган, па прашуваат „зошто се зборува за истрага за малтретирање, кога треба да се зборува за истрага против принцот Ендру.“

Тензиите меѓу младиот брачен пар и британската кралска династија пак станаа јавни по објавувањето на првите трејлери од нивното интервју за Опра. Во нив Меган го обвинува кралското семејство дека „ширело неточности“ за нејзе и сопругот, а кралското семејство го нарекува „Фирмата“.

Целото интервју ќе биде емитувано во недела.

 

5 март 2021 - 14:54