50 месеци затвор и екстра 70 тужби за Диди

Обвинителството бараше 11 години затвор, адвокатите се надеваа на 14 месеци. Го репнаа 4 години и два месеца затвор плус 500.000 долари казна. Незадоволни што доби 4 пати поголема отколку што очекуваа, адвокатите тврдат дека судијата се однесувал како „13-ти поротник“. Но и затворот да беше пократок, тоа не ќе беше крај за проблемите на Шон Комбс. 

55-годишниот музички могул беше уапсен на 16 септември 2024 година и обвинет за рекетирање, две точки за сексуална трговија со луѓе и две обвиненија за транспорт заради проституција. На 2 јули, Шон Комбс беше ослободен од обвиненијата за рекетирање и сексуална трговија со луѓе, но беше прогласен за виновен за транспорт за проституција.

Судијата Арун Субраманијан го осуди Диди на 50 месеци затвор и половина милион долари казна.  

Иако случајот на Диди може да изгледа завршен, Њујорк пост објавува дека него го чекаат речиси 70 граѓански тужби во кои го обвинуваат за сексуална злоупотреба. Медиумот наведува дека адвокатите се поделени околу тоа дали Комбс треба да се спогоди со обвинувалите или да се бори.

Адвокатот на познатите личности, Бредфорд Коен, смета дека раперот треба да возврати бидејќи ако се спогоди во еден случај, тоа ќе ги настрви другите да го гонат уште појако. А може да се јават и нови. 

„Моите постапки беа одвратни, срамни и болни. Бев болен, болен од дрогата. Бев надвор од контрола, ми требаше помош, а не ја добив, но не можам да најдам никаков изговор затоа што мајка ми ме научи подобро. Се изгубив во мојот сон за животот. Не сум јас некој кој е поголем од животот. Јас сум само човечко суштество. Се изгубив во моите претерувања,“ покајнички порача Диди извинувајќи ѝ се на Кејси Вентуира и нејзиното семејство за физичките и емоционални повреди кои ѝ ги нанел. 

4 октомври 2025 - 10:13