Што е заедничко за Карл Маркс и Папата

Не само што беше остра критиката за капитализмот, туку во минатонеделниот текст Францис покажа дека овој пат светот има работа со папа кој е добро упатен во економијата, посебно во врската меѓу разузданиот капитализам и нееднаквоста.

Кога се зборува за Папата Францис треба да се има во предвид дека неговата родна Латинска Америка е местото од каде што потекнува Теологијата на ослободување, католичко движење насочено кон активна борба против економската и социјалната репресија, место во кое се сретнуваат Карл Маркс и католичката црква. Ова движење ги зема во предвид идеите на Маркс за идеологија, класи и капитализам и од нив развива гледишта како христијанството може да биде искористено за да му помогне на општеството.

Католиците кои ја поддржуваат ова теорија сфаќаат дека гледиштата на Маркс (инаку атеист) кон религијата се нијансирани. Тој ја гледа "како паричка со две страни - конзервативна сила која може да ги блокира позитивните промени, но и резервоар на енергија која може да даде отпор и да застане на патот на неправдата."

До сега католичката црква имаше тензичен однос со Теологијата на ослободување. Меѓутоа со доаѓањето на Папата Францис, тој почнува да се отвора кон оваа теологија, па така на почетокот од септември тој има приватен состанок со основачот на ова движење, отецот Густаво Гутиерез.

Веќе на верниците им е јасно дека Францис многу ќе зборува за економската нееднаквост и ќе ги брани сиромашните. Тој јасно ја обзнани својата одбивност кон алчноста и богатството. По неговото доаѓање во Ватикан тој одби да живее во Апостолската палата и наместо тоа е сместен во една од гостинските куќи, а неодамна го суспендираше свештеникот кој потроши 41 милион долари на реновација на својата резиденција.

Папата веќе неколку пати се покажа дека е отворен кон идеите на Маркс за создавање на економски систем кој е повеќе фокусиран на човекот. До сега, Францис изричито го осуди комплетното владеење на пазарот врз човечките суштества, што е основата на економската теорија поддржана од Милтон Фридман, Ален Гринспен и американскиот политички естаблишмент.

2 декември 2013 - 16:11