Огласот е пуштен во сојузната држава Утар Прадеш (популација 204 милиони луѓе), и како што сега пресметале локалните власти, ќе им требаат околу 3 години за да ги интервјуираат сите кандидати.
Во огласот се што се барало од кандидатите е да имаат завршено основно училиште и да знаат да возат велосипед, а според описот, работното место за 368-те избрани ќе вклучува правење чај и носење документи од еден до друг владин службеник. Платата е 243 долари месечно.
И покрај нестварно ниските предуслови за влез, меѓу кандидатите има 255 луѓе со докторати и 150.000 дипломирани.
Утар Прадеш последен пат во 2006-та има пуштено оглас за вработување во администрацијата. Моменталниот одѕив е 16 пати поголем отколку што имале пред 10 години. Една од привлечните карактеристики за работа во индиската администрација е што е речиси невозможно да се отпуштат вработените.
Минатиот месец, локалните власти на Чатисгар се откажаа од пополнување на 5-6 работни места во администрацијата откако добија 75.000 апликации за нив.
За разлика од развиениот дел од светот, Индија има диспропорционално млада популација, односно околу половина од жителите се помлади од 25 години. Процените се дека во следните 20 години земјата ќе додаде уште околу 300 милиони луѓе на својата работна сила.