Иако беа очекувани сите пофалби што ги доби, и последователните критики, она што не беше земено предвид е дека компанијата не беше подготвена да се справи со целото внимание - лавината мејлови, Фејсбук постови и телефониски повици кои ги доби.
Паралелно со новите клиенти кои доаѓаа воодушевени од потегот, дел од старите си заминаа. Една група затоа што го покачувањето го сметаа за политичка изјава (моментално во САД има борба околу минималецот), други затоа што очекуваа дека тоа ќе доведе до раст на цената на услугата. Иако има голем број нови клиенти, проблемот е што од нив парите ќе почнат да доаѓаат дури за 12 до 18 месеци, период во кој треба да се воведе покачување и компанијата да го одржи својот баланс.
Во исто време двајца од највреднуваните вработени на Прајс заминаа од фирмата, делумно и заради нивниот став дека не е коректно за два пати да се зголеми платата на некои од нови вработени, додека оние со најдолг стаж добија мало или никакво покачување.
Меѓу луѓето кои си заминаа од компанијата по воведувањето на новиот минималец е и 26-годишната Мејзи МекМастер која 5 години работела во фирмата и која ја направи пресметката за тоа колкаво покачување ќе може да им се даде на вработените. Таа е пресреќна кога Прајс ја објавува веста, меѓутоа со тек на време почнува да размислува и колку е тоа погрешно, "тој им даде покачување на луѓе кои имаат најмалку вештина и кои се најмалку подготвени за работата, наместо на оние кои најмногу работат."
Си заминал и еден 29-годишен веб програмер, кој претходно имал плата од 41.000 долари и е еден од луѓето што добиле покачување, затоа што чувствувал дека луѓето кои "само се најавуваат и одјавуваат од работа, земаат исто пари колку и јас. Ова ги оковува работливите луѓе, со помалку мотивираните членови на тимот." Исто така му пречело и што сите знаеле за неговата плата.
Две недели по објавата, постариот брат на Ден и ко-основач на компанијата, по основа на долгорочни разлики, поднесе тужба која е директна закана за постоењето на компанијата, бидејќи адвокатските трошоци би можеле да ја банкротираат.