Колектив е лондонска компанија која изнајмува споделен простор за живеење, но нуди многу повеќе од обично сместување со други луѓе. Се работи за модел кој вклучува заедничко работење, во комбинација со исто такво, заедничко живеење. Освен приватни простории за готвење и спиење сето останато е споделен простор, кој вклучува библиотека, градина, канцеларија, перална и кафетерија. Во главниот град на Британија веќе има неколку згради за ваков тип на домување, а во една од нив има над 500 жители.
Зошто некој би сакал да живее не блиску до работа, туку НА работа? Можеби кај нас тоа не е голем проблем, но во голем град како Лондон сопствениците на мали бизниси и така остануваат долго на работа, секојдневно минуваат часови во превоз, а притоа плаќаат високи кирии и за становите и за канцелариите. Вака, сè е на едно место, и не само што е поевтино, туку е и поефикасно.
Идејата е да се надминат неефикасностите на живот во град, што според британските статистики подразбира користење на 20-30% од животниот простор дневно. Дали тогаш е навистина потребен стан од 60 квадрати или е подобро обратното - градот да се смести во една зграда?
Оригинално, ваквите ко-живеачки простори се никнати од потребата за сместување на „дигиталните номади“, луѓето кои работат додека патуваат (и обратно). Постојат и бродски крстарења чија цел е не само туризам и работа сам по сам, туку и вмрежување со луѓе од различни професии, како и хотели во кои се престојува врз принципот на заедничко работење и живеење. Понекогаш е полесно да се развие идеја или да се реши некој проблем низ лежерен муабет, неоптоварен од тоа дека треба да си одиш дома, при што „домата“ ти е на најмалку саат време дремење во автобус или заглавеност во сообраќај. Ако ваквата „комуна“ се формира некаде каде се нуди и скара, пиво на точење и прскалки во двор за лето, и каде не мора да се откуцуваш на картица затоа што просто работата ти е дома, тогаш од одма сме за.