Во тужбата поднесена против ИБМ се тврди дека менаџментот ги ословувал возрасните вработени како „динобебиња“ кои треба да бидат „изумрен вид“
„Документите откриваат дека највисоките директори на ИБМ експлицитно соработувале меѓу себе за бркање на постарите вработени од ИБМ со цел да ослободат место за миленијалци вработени,“ изјавува адвокатката, Шанон Лис-Риордан, која ја води групната тужба против компанијата.
Во документите се цитира и намерата на менаџментот „да ги забрза промените со тоа што ќе им понуди на динобебињата (нов вид) да си заминат и да станат изумрен вид“.
Во други документи, неименувани директори на ИБМ ја изразуваат „својата фрустрација што бројот на миленијалци вработени во ИБМ е далеку помалку отколку кај конкуренцијата.
„Аксентур е 72% миленијалци, ние сме 42%, а голем број оддели се далеку под тој просек. Ова говори за потребата да ангажираме рани професионалци,“ порачал еден од директорите.
Една од мерките што ја планираат од ИБМ е на постарите вработени да им се даде позиција во различни делови од земјата заради што би требале да се преселат, во надеж дека ќе ги отпуштат ако ја одбијат понудата. Во еден од внатрешните мејлови се споменува дека „стапката на прифаќање на релокација е меѓу 8-10 проценти“, и дека компанијата ќе треба да најде работа за малкумината што ќе прифатат селење.
Според судско сведоштво од 2019, од поранешниот потпретседател за човечки ресурси, Алан Вајлд, ИБМ има отпуштено 100.000 повозрасни вработени во обид да им покаже на миленијалците дека е „кул, тренди организација“.
Внатрешна истрага на ИБМ спроведена од Комисијата за еднакви шанси за вработување, открива дека на повозрасните вработени отпаѓаат 85% од луѓето што компанијата планира да ги отпушти.
Американските закони предвидуваат дека отпуштен вработен може да се откаже од правото да тужи во замена за отштета. Сите компании што ќе им ја понудат оваа опција на вработените мора да ја наведат возраста и позицијата на сите луѓе во рамки на еден оддел што се отпуштени и што се задржани на работа.
Од 2014 ИБМ престана од отпуштените работници да бара да се откажат од тужење, заради што повеќе не мора да објавува информации за возраста и позицијата на отпуштените.