За почеток над 220 вработени на Гугл формално започнаа обид за формирање синдикат на ниво на фирма, откако веќе неколку години во компанијата крчка идејата за синдикално здружување на работниците.
За членство во Работничкиот синдикат на Алфабет (Alphabet Workers Union) се квалификуваат сите 120.000 вработени, вклучително тие што се привремено или на делумно работно време.
„Премногу долго, работничките поплаки на илјадници од нас во Гугл - и останатите подружници на Алфабет - беа отфрлани од директорите... И двајцата имаме чуено од колеги - некои нови, некои и по една деценија во компанијата - кои одлучиле дека работењето во Алфабет повеќе не е одлука која што можат да ја донесат со чиста совест,“ стои во текстот што претседателот и заменик претседателот на синдикатот го објавуваат во Њујорк тајмс.
И во текстот и во соопштението за медиуми, синдикалните водачи наведуваат неколку инциденти во изминатите три години кога вработените на Алфабет излегуваат на заеднички протест против одлуките донесени од раководството на компанијата. Во 2018, над 4.000 вработени на Гугл се противат на „Проектот Мејвен“ кој требаше да го сработат за Пентагон. Најмалку 12 вработени поднесуваат оставка по ова, а подоцна Гугл решава да се откаже.
Исто така во 2018, 20.000 вработени на Гугл ги напуштија своите места како протест за начинот на кој компанијата се справува со обвиненијата за сексуална злоупотреба, откако неколку директори против кои имаше вакво обвиненија си заминаа од Гугл со надомест од десетици па и стотици милиони долари.
За многумина последната капка беше неодамнешното отпуштање на Тимнит Гебру, општо почитуваната научничка на тема етика на вештачка интелигенција.
Гугл со целото свое шаренило и позитивен имиџ, зад кој стои непогрешна машинерија која ве продава вас лично како производ, низ годините не е ни најмалку благонаклонет кон правото на работниците на синдикално организирање. Во 2019 тие ја ангажираат озогласената компанија за разбивање синдикати ИРИ Консултантс, а подоцна истата година Гугл ги отпушта неколкуте вработени кои важеа за организатори на синдикално здружување во фирмата.
Неодамна американскиот Национален борд за трудови прашања утврди дека неколку од отпуштањата од 2019 се незаконска одмазда против напорите за легално заштитената организација на работната сила.