Бугари, Хрвати и Полјаци ја напуштаат Германија

Долго време ветената земја за луѓето од овој регион полека ја губи својата привлечност. Истражување на германското министерство за труд покажува дека сè повеќе работници од ЕУ решаваат да ја напуштат земјата по неколку години работа, што го усложнува сериозниот проблем со хроничниот недостиг на работници. И тие што доаѓаат во Германија од другите земји на ЕУ, не планираат да останат долгорочно.

Миграцијата на квалификувани работници од други земји-членки на ЕУ долго време беше еден од клучните столбови на германскиот пазар на трудот. Пристигнувањето на работници од Источна и Јужна Европа помогна да се пополнат празнините во индустријата, градежништвото, јавните услуги и генерално оние работни места што локалното население не сака да ги работи.

Сепак, студијата на „Канцеларијата за еднаков третман на граѓаните на ЕУ“ покажува дека сè поголем број мигранти денес ја гледаат Германија како привремена, а не како трајна дестинација.

„Не можеме да си дозволиме да изгубиме една третина од граѓаните на ЕУ поради лоши услови“, предупреди Натали Павлик, комесар за интеграција на германската влада.

Според податоците, значителен дел од граѓаните на ЕУ ја напуштаат Германија во првите четири години од престојот, што претставува сериозен проблем за земја која прима помеѓу 400.000 и 700.000 имигранти годишно, но истовремено има и високо ниво на иселување.

Според анализа на Германскиот економски институт, десетте сектори со најголем недостиг на работна сила имаат дефицит од над 260.000 квалификувани работници. Најмногу во здравството, градежништвото и јавната администрација.

Здравствениот систем има недостиг од околу 46.000 вработени, што веќе прави подолги листи на чекање.

Најмасовно заминување е регистрирано кај работниците од Хрватска (30%), Полска (21%) и Бугарија (19%).

И причините зошто многумина одлучуваат да заминат по неколку години стануваат сè појасни: високи трошоци за живот, чувство на неприпадност и проблеми на работа. Речиси 39 проценти од испитаниците рекле дека не се чувствуваат удобно во Германија, додека речиси половина изјавиле дека доживеале дискриминација на работното место. Исто така чести се проблемите околу признавањето на квалификациите, ригидните услови за работа и ограничените можности за напредување во професијата.

За првпат во влегувањето на Хрватска во ЕУ, преклани повеќе Хрвати заминале од Германија (24.000) отколку што дошле во неа (14.700).

 

9 март 2026 - 11:51