Бројот на работни места во Британија евидентирани преку даночниот систем PAYE се зголемил за околу 3,7 милиони од 2014 година до крајот на минатата година. Сепак, само 734.000 од новите работни места се пополнети од британски државјани. На другите биле примени 408.000 државјани од ЕУ и уште 2,5 милиони од земји кои не се членки на ЕУ, покажува анализа на Центарот за социјална правда (CSJ).
Поголемиот дел од вработувањeто странци се поврзува со „Борисовиот бран“ по 2020 година, во кој речиси 4 милиони мигранти добија визи за работа или студирање во Британија. Во овој период се вработиле 2,1 милион луѓе кои во Британија пристигнале од земји што не се членки на ЕУ.
Во истиот период, бројот на Британци кои примаат надоместоци за невработеност се зголемил за 2,3 милиони. Годишните трошоци за социјална помош за работоспособни лица се зголемиле за 50 милијарди фунти.
Владите со децении ја користеа социјалната помош за да го компензираат економскиот неуспех, наместо да создадат услови за просперитет. Министрите постојано го користеа лесниот механизам на имиграцијата додека ги отпишаа заедниците. Реформата на социјалната помош, имиграцијата и регионалниот раст сега мора да се третираат како делови од истиот проблем, оцени Ијан Данкан Смит, основачот на CSJ.
Едногодишната истрага на CSJ утврдила дека пандемијата на коронавирусот во 2020 година го нарушила пазарот на трудот и ги забрзала промените. Од јануари 2020 до декември 2025 година, бројот на вработени Британци се намалил во 9 од 12-те региони, а во сите 12 се зголемил бројот на вработени од земји надвор од ЕУ.
Шкотска регистрирала најголем пад на работни места за Британците за 53.000 - двојно повеќе отколку во Лондон. Во истиот период, бројот на платени работни места за државјани надвор од ЕУ се зголемил за 465.200 во Лондон. Растот од 2020 година е концентриран во здравството и социјалната грижа (29%), административните и помошните услуги (16%) угостителството (12%) и малопродажбата (10%) - сектори кои традиционално се првите работни места за дојденците.
Владите даваа приоритет на зголемувањето на економијата пред подобрувањето на животниот стандард. Увезуваа работна сила наместо да се фокусираат на подобрување на вештините, здравјето и изгледите за вработување на луѓето што веќе живеат во Британија, се заклучува во извештајот.
Како последица на тоа, околу 6,7 милиони луѓе низ Англија, Велс и Шкотска сега добиваат барем една бенефиција за невработеност, што е еквивалентно на околу 1 од 6 лица на работоспособна возраст.