Фреди Блом од Јужна Африка деновиве наполнил 114 години. Има извод од книга на родени кој ја докажува неговата возраст а Гинисовата книга на рекорди е во процес на проверка на податоците по што би требало да му се признае дека е најстарото човечко суштество кое живее на оваа планета.
Од пиење се откажал одамна а овие години ги минува во битка со цигарите. Не пуши купечки, сам витка свој тутун во хартија од весник.
„Стално си викам дека ќе ги откажам ама само се лажам себе си. Ќе ми заиграат градите, ќе ми побараат да потегнам дим и виткам нова“, вели овој човечки чинар на кого за неговиот неуспех против цигарите крив му е ѓаволот кој бил „многу силен“.
Цел живот бил физички работник, што во градежништво, што на фарма и целиот овој животен век го поминал само со едно одење на лекар, кога нешто го виело коленото.
Со 29 години помлада жена е во брак речиси половина век но може сам да води сметка за себе, да јаде и да се бања а оди без помагала.
За времето на апартхејдот вели дека имале многу работа па немале баш време да бистрат политика, но оценува дека денес се живее полошо и поопасно од некогаш.
Нема некој посебен режим на исхрана. Јаде и зеленчук и овошје ама не седнува на маса ако во оброкот нема месо. Само ова со пушењето го секира.