Училишта без мобилни, за „спокојни училници“

Забрана за носење мобилни телефони во училишта е една од опциите што британската влада ги разгледува како дел од мерките за решавање на слабата дисциплина во училниците низ земјата.

Предлогот е на министерот за образование на Британија, Гевин Вилијамсон, кој сака да го направи училишниот ден „без мобилни“, едно за да има ред во училниците, второ за да се надмине влијанието на пандемијата.

„Мобилните телефони не само што го одземаат вниманието, туку кога се погрешно користени или претерано користени тие можат да имаат штетно влијание на менталното здравје и добробитта на учениците,“ изјавил министерот за образование.

Забелешката од наставниците, е дека училиштата веќе главно имаат сопствена робусна политика за користењето на мобилни телефони, и според нив проблемот не може да се реши со централно решение. Нивната забелешка до министерот е дека тој губи време со мобилните наместо да испорача „амбициозен пост-пандемиски план за закрепнување“.

Најголемиот дел од училиштата веќе имаат правила со кои се ограничува користењето на мобилен во училниците, а повеќе од половина не дозволуваат мобилни да се користат ни на пауза, ни за време на ручек, меѓутоа „казните не се спроведуваат конзистентно“.

29 јуни 2021 - 11:13