Економист

Дроги на правилен начин

Аргументот за легализација на канабисот е добиен. Сега следува потешкиот дел.

Наликува на халуцинација од хашиш: редови и редови млади растенија, надгледувани од луѓе во бели мантили на кои властите им досаѓаат само кога е време да се плати данок. Канабисот некогаш беше одгледуван во тајност, тргуван од смртоносни картели и пушен од консументи кои ризикуваат затвор. Сега, земјите низ светот ја лиценцираат дрогата во медицински цели, а некои одат и подалеку. Четири американски држави ја имаат легализирано за рекреативна употреба; на малиот Уругвај наскоро ќе му се приклучи големата, Г-7 членка Канада во клубот на легализиран канабис. Парламентите од Мексико до Јужна Африка дебатираат околу реформите кај нив дома.

Оние (вклучувајќи го овој весник) кои тврдеа дека легализацијата е подобра отколку прохибицијата ќе го поздрават почетокот на крајот на залудната војна против марихуната. На канабисот отпаѓа речиси половина од 300 милијарди долари вредниот пазар на наркотици, и тој е најчестиот избор на дрога за најголемиот дел од 250-те милиони корисници на наркотици. Легализирањето го лишува организираниот криминал од најголемиот извор на приходи, а во исто време ги заштитува и не ги криминализира чесните граѓани кои се негови консументи.

Сепак, укинувањето на прохибицијата го обележува почетокот на комплексната дебата околу тоа како треба да се регулира канабисот. Она што звучи како детали за бирократи - како да го оданочуваш, кои сорти да ги дозволиш, кој треба да го продава и кому- се прашања кои ќе ги натераат луѓето што ги носат политиките да одлучат која од конкурентните вредности на марихуаната најмногу ја вреднуваат. Пионерите како Канада ги пишуваат правилата кои остатокот од светот ќе ги копира; откако еднаш ќе се постават, ќе биде тешко тие да се искоренат. Носењето правилни одлуки на крај ќе реши дали легализацијата ќе успее или ќе пропадне.

Уживај во колачот со хаш
Поборниците за легализацијата се чудна мешавина од либертаријанци, кои сакаат да ја максимизираат личната и комерцијална слобода, и конзервативци, кои разбираат дека прохибицијата е помалку ефикасна од прагматична легализација и регулација. Хипиците и радикалите создадоа моќна алијанса околу легализацијата. Ама запрашани како точно треба да функционира трговијата со канабис - колку треба да биде оданочена или дали треба да се постави ограничување на консумацијата, на пример - тие се наоѓаат на спротивните страни.

Либертаријанците може да запрашаат зошто канабисот, за кој се знае дека нема смртоносна доза, треба да биде регулиран за возрасни луѓе кои можат да донесат слободни и информирани одлуки. Има две причини за грижа. Прво, канабисот изгледа дека создава зависност кај мал број од корисниците, што значи дека одлуката дали да запалиш и не е така слободна. Второ, нелегалноста на канабисот значи и дека истражувањата за неговото долгорочно влијание се магловити, па дури и најинформираната одлука се базира на некомплетни информации. Кога одлуката не е ниту целосно слободна, ниту целосно информирана, државата има право да ги одвраќа корисниците, исто како што тоа го прави од алкохол или тутун.

Последователно либертаријанците мораат да направат одредени отстапки. Државите можат да ги оданочуваат корисниците за да ја намалат потрошувачката - ама не премногу за да не ги натераат потрошувачите да се вратат назад на неоданочениот пазар на црно. "Точното" ниво на оданочување ќе зависи од околностите во државата. Во Латинска Америка, каде е ниска стапката на користење а пазарот на црно е крвав и моќен, владите треба да одржуваат ниски цени. Во богатиот свет, каде проблематичното користење е почесто, а дилерите повеќе се досада отколку закана за националната безбедност, цените треба да се повисоки. Еден модел се САД по прохибицијата: данокот на алкохол првично беше низок, за пазарот да се исчисти од шверцерите на алкохол, а потоа, кога мафијата е тргната од бизнисот, се креваат цените.

Слична трампа треба и околу тоа кои производи ќе бидат дозволени. Канабисот повеќе не значи само џоинти. Легалните продавачи веќе имаат развиено храна и пијалаци со марихуана, кои ги таргетираат потрошувачите кои можеби би го избегнале пушењето. Ултра-силните концентрати се на располагање за инхалација или голтање. Храната и посилните варијанти помагаат во поразување на нелегалните дилери, ама во исто време ризикуваат повеќе луѓе да бидат заинтересирани за земање на дрогата, и во посилни форми. Почетната точка треба да биде легализирање само на она што веќе е достапно на пазарот на црно. Ова ќе значи ограничување и оданочување на потентноста, исто како што и жестоките пијалаци имаат поголем данок и се помалку достапни од пивото. Повторно, комбинацијата може да варира. Европа можеби ќе може да ги забрани концентратите. Америка веќе има развиено навика за нив. Ако овие производи таму се забранат, мафијата со задоволство ќе ја пополни празнината.

За една работа владите треба да бидат одлучно не либерални. Рекламирањето е комплетно отсутно кај подземјето, ама во легалниот свет тоа може да стимулира огромна нова побарувачка. И треба да биде забрането. Истото важи и за привлечното пакување и производи. Бонбони со канабис кои би биле привлечни за децата, треба да бидат забранети, исто како што голем број држави ги забранија цигарите со различни вкусови и благо надополнето со алкохол. Државата треба да го користи даночниот систем и јавното образование за промовирање на помалку штетни начини на постигнување "хај". Легалниот пазар веќе има канабис варијанта на електронската цигара, која ја намалува штетата на белите дробови.

Во Америка федералната забрана за користење канабис само значи дека задачата за пишување на првите регулативи паѓа на и онака преангажираните јавни службеници на неколку мали сојузни држави. Тестовите за потенција, поставување ограничувања и решавањето на сто други недоумици не е ништо полесно кога федералните агенции кои инаку би те советувале (како ФДА, најнапредниот фармацевтски регулатор во светот), никако не ти помагаат. А отсуството на федерални ограничувања на рекламирањето значи дека дрогата повеќе се промовира од тутунот, од компании кои се повикуваат на Првиот амандман. Политиката на чекање на федералната влада звучи претпазливо, а всушност е неодговорно.

Биди претпазлив, биди храбар
Поборниците за и против легализацијата исто така треба да се адаптираат на новата реалност. Оние кои попрво би ја забраниле дрогата треба да престанат да го клоцаат мртвиот коњ на прохибицијата и да почнат со кампањи за верзии на легализацијата кои ним најмалку ќе им наштетат (како што и движењето за умереност сега лобира за повисоки даноци на алкохолот, наместо негова забрана). Поборниците за легализација, треба да ги отворат очите кон фактот дека индустријата на легална марихуана, која до сега се покажа себе си како далеку повредна од организираниот криминал, сега треба да биде под што е можно поголем надзор, додека останатите индустрии на "грев" љубоморно го бранат својот терен. Наместо еден ден да треба да се справуваме со Големиот канабис, би било подобро уште од старт да ја погодиме правилната политика за него.

Економист

13 февруари 2016 - 15:36