Живот цвета во најголемите морски длабочини

Експедиција што се спушти десетина километри под површината на морето откри богат и разигран екосистем на место каде што се сметаше дека не постојат услови за живот. Се знаеше за едноклеточни организми на морското дно, но не и за посложени разновидни животни - морски црви, школки, краставици и лилјани, кои се хранат со метан што извира од пукнатините.

Оазата е откриена во Маријанскиот ров, која е најдлабокото место под површината на морето. Поради огромниот притисок од водата, 1.100 пати поголем од атмосферскиот на површината, овој предел е тешко достапен и истражен од луѓето. 

Кинески експерти лани нурнале 23 пати со подморницата „Фендуџе“ во ровот и на длабочини од 2.500 метри па до 9.533 метри снимиле колонии на разновидни суштества, кои на место до кое сончевите зраци не допираат се прилагодиле да создаваат храна од хемикалии.

На нивните снимки се гледаат црви со должина и до 30 сантиметри и површини на дното целосно прекриени со мекотели и школки. Снимени се и боцкави ракови, пловечки црви, морски краставици, пердувести морски лилјани и разни други безрбетници. 

Ги откривме најдлабоките и најобемните заедници базирани на хемосинтеза за кои се знае дека постојат на Земјата, наведуваат авторите во студијата што деновиве ја објавија во журналот Нејчр.

Речиси целиот живот на Земјата зависи од сончевите зраци, од кои растенијата преку фотосинтеза произведуваат шеќери. Во целосниот мрак на дното на морето, растенијата функционираат од хемосинтеза – претворањето на метанот што извира низ пукнатините во храна.

Истражувачите тврдат дека пронашле и убедливи докази дека метанот што извира од пукнатините го произведуваат микроби, при што цевчестите црви имаат тенденција да се групираат околу нив.

Ако има животни во најдлабокото место под морето, сосема е логично да има многу повеќе живот што се развива во непријателски услови на дното на неистражените океани на нашата планета, објави кинескиот тим научници.

Овој неистражен живот може да биде загрозен од контроверзните планови на Кина, САД и на други земји за експлоатирање на рудните богатства од дното на морињата. Меѓународната управа за морско дно - која го надгледува рударството во меѓународни води - сè уште нема усвоено регулативи што би ја обврзале индустријата да се грижи за неистражениот жив свет.

31 јули 2025 - 15:15