Оваа година, на пример, и ние се лизнавме на една од нив пренесувајќи дека мажите умираат порано од жените затоа што се глупи (кој да препрoверува толку логично тврдење).
Британското медицинско списание ваква традиција тера веќе 30 години. Но дали нешто што почнува како зафрканција на долги патеки може да ѝ штети на науката? - Да, вели една неодамнешна статија (од озбилните).
„Етиката на ироничната наука и нејзината потрага по мајтап", текст објавен во декемврискиот број на списанието „Научна и инженерска етика", вели дека иронијата може да направи ненадоместлива штета доколку не е јасно означена како таква - да биде сфатена сериозно, и потоа цитирана како таква вон контекст на оригиналната статија.
Таков бил случајот со статија на извесен Леонардо Либовици од 2001, под наслов „Ефектите на оддалечената, ретроактивна молитва на резултати кај пациенти со инфекција на крвните садови". Сарказмот во него треба(ло) да е очигледен, бидејќи авторот меѓу другото вели дека молитвите им помогнале на пациентите и во случаи кога тие веќе биле починати. Ама...
Иако текстот се појавил во пародичниот новогодишен број на BMJ, сепак осум години подоцна бил цитиран во сосема сериозен контекст. Откако еднаш ќе се објави ваквиот сатиричен текст, се архивира со сето останато, па кога пребарувате научни статии никаде не пишува дека тој е „кромид", нема таг за „празнична шала". Кога статијата ќе се оддели од оригиналниот сајт и ќе се стави во купот, без оглед дали е тоа Фејсбук или резултат од пребарување на некоја база на научни статии, тоа значи нејзино одделување од контекстот. За видеа со мачиња тоа и не е толку важно. Ама за наука е.
Според Вејн Бут, автор на „Реторика на иронијата" на ваква финта паѓаат и оние кои се саркастични по сензибилитет и имаат искуство со ракување со таа понекогаш симпатична, но често опасна алатка.
„Повеќето од нас сметаат дека се помалку подложни на грешки кои произлегуваат од несфатена иронија. Си ласкаме дека сме имуни заради тоа што сме уживале во голем број иронични забелешки, и сме биле сведоци на тоа како помалку искусни читатели направиле будали од себе".
За да се одржи кредибилитетот и довербата од страна на читателите сега се предлага текстот кој содржи каква и да е форма на иронија да биде означен како таков, со некаков клучен збор или таг. Но тоа може пак да го расипе целиот виц. Можеби е подобро тие статии да се индексираат различно, машините да препознаат дека се работи за нешто друго, и да ги одделат научните баби од ненаучните жаби. Така, статијата според која мажите живеат пократко затоа што се глупи не би била во категоријата „наука", туку во - „што је баби мило...".