Владата на Џасинда Ардерн ја имплементираше блесавата образовна реформа на министерот за образование Крис Хипкинс пред тој да стане премиер на Нов Зеланд. По неа, маорските „начини на знаење“ (Mātauranga Māori) добиваат ист статус со „западната“ наука.
Ова адолесцентско покажување доблесност запрепасти некои од зрелите научици; седуммина од нив напишаа отворено протестно писмо. Еден од нив и со маорско потекло, но сите вчудоневидени од тоа што науката се сведува на „западна европска инвенција“ која речиси била наметната со колонизацијата.
„Можеби најнепријатниот аспект на оваа жална афера е климата на страв. Ние кои немаме кариера за губење треба да зборуваме во одбрана на оние кои имаат. Величествените седуммина (оние што го потпишаа писмото - н.з.) се означени како еретици од една настрана нова религија, во еден лов на вештерки што потсетува на лажните обвинувања против Ј.К. Роулинг и Кетлин Сток“, пишува Ричард Докинс.
Професорот Кендал Клементс бил отстранет од предавање еволуција на Универзитетот во Окленд, откако факултетскиот комитет го напишал следново мислење: „Ние сметаме дека Клементс не треба да им биде предавач на студентите... Ова не е безбедно за нив…“
„Не е безбедно? Кои се овие згрчени мали кукавици чија „безбедност“ бара заштита од слободата на говорот? За што побогу мислат дека постои универзитетот?“, се чуди Докинс.
Вели дека треба доста труд за да се разберат владините насоки бидејќи секој трет збор од релевантните документи е напишан на маорски, јазик кој го зборуваат 2% од општата популација на Нов Зеланд и само 5% од самите Маори. Но и самото тоа, покажува една желба за демонстрирање едно праведничко срамење од новиот модерен пра-грев, гревот да се биде бел.
Инаку, „Mātauranga Māori“ содржат знаења за тоа кои печурки можат да се јадат или како да се нагивира со помош на ѕвездите. Така што учениците кои ќе учат за чудата на ДНК, истовремено ќе бидат збунувани со старите домородни „знаења“ дека сиот живот пулсира со витална сила дадена од Мајката Земја и Таткото Небо.
„Самата фраза „западна“ наука подразбира дека еволуцијата и космологијата се само митови на „белиот човек“ и наративи чија доминантност се темели исклучиво на поседување поголема политичка моќ. Ова е погубна глупост. Науката му припаѓа на целото човештво. Таа е најдобрата шанса на човештвото за откривање на вистините за реалниот свет“, пишува прочуениот еволуционист.