Почна трансплантација на сеќавања

Се работи за полжави, кои, после научна интервенција, почнуваат да се сеќаваат на нешто што никогаш им се нема случено. Целата работа е во зародиш но нелагодно личи на епизода од Блек Мирор.

Научници од Универзитетот во Лос Анџелес соопштија дека кога пренеле молекули од мозочни клетки од (мал)третирани (тренирани) полжави на нетретирани, вториве почнале да се однесуваат како да се сеќаваат на она што им се случувало на првите.

А на експерименталните морски полжави, за кои од порано се знае дека имаат способност да создаваат долготрајна меморија, им се случувале електро-шокови. На нив тие реагираат различно ако им е првпат или ако тоа и претходно го искусувале.

Реакцијата на полжавите е подолга ако тие претходно биле изложени на шок. Полжави кои за прв пат добиваат шок имаат кратка реакција. Научниците успеале да пренесат молекули на РНК од мозочните клетки на тренирани во нетренирани полжави а реакцијата на вториве испаднала долга, како да биле тренирани, т.е. како да се сеќаваат дека биле изложени на електрошокови.

На таа тема, уште погадни експерименти се правени уште во 1960-та година, кога рамни морски црви, натерани на канибализам, добивале спомени од своите изедени браќа и сестри. Но, тогашните резултати научниците не успеале стандардно да ги повторуваат па во меѓувреме ја запоставиле идејата.

24 мај 2018 - 12:15