„Таргет маларија“ е непрофитен конзорциум финансиран од Бил Гејтс кој развива генетски модификувани комарци чија цел е да ја намалат популацијата на својот род. Иако првиот краен производ на Таргет маларија се очекува некаде во 2029 целиот проект е преплавен со прашања и дилеми од надвор.
Како би ги раатисале загрижените тим на научници на Таргет маларија од Универзитетот на Гана и Универзитетот Оксфорд, во октомври во Гана ќе започнат 4-годишно изучување на екологијата на комарецот што пренесува маларија. Крајната цел на студијата е да разберат како рибите, лилјаците, цвеќињата и инсектите ќе реагираат ако се намали популацијата на комарци или ако комплетно се елиминира.
Дилемата на научниците е кој конкурент на комарецот ќе има најголема корист од неговото исчезнување, дали инсект кој не е опасен или друг пренесувач на смртоносни болести. Моментално има околу 3.000 видови комарци во светот, од кои 70 можат да пренесат маларија, а други знаат да пренесуваат болести како жолта треска или зика вирусот.
За сега во игра е само еден вид, а комарецот што ќе се изучува во Гана е само еден од овие 70 што пренесуваат маларија. Научниците го оправдуваат својот избор (Anopheles gambiae) по основа дека тоа е комарецот кој „еволуирал со луѓето“, живее во близина на луѓе и преферира човечка крв повеќе отколку кој било друг комарец. Логиката на научниците е „тешко е да се замисли дека тоа што би го заменило може да биде нешто полошо“.
Животните кои се хранат со овие комарци, како на пример локалните лилјаци, ќе бидат анализирани за да се утврди колкав дел од нивната исхрана се базира на конкретната бубачка.
За сега научната позиција е дека се што научниците знаат за комарците наведува на тоа дека елиминирањето на Anopheles gambiae нема значително да влијае на екосистемот, бидејќи конкретниот вид и нема некој значителен учинок во истиот.
Она што исто така не оди во корист на комарците е дека тие речиси немаат никого на своја страна, ниту јавност, ниту научници.