
Габата во Чернобил е дел од семејство на „радиотрофни габи“ кои можат да се хранат со јонизирачка радијација. Тие го користат зрачењето за радиосинтеза, процес сличен на фотосинтезата, во кој растенијата ја апсорбираат сончевата светлина за да го поттикнат својот метаболички процес.
Црната боја на габата Cladosporium sphaerospermum ѝ ја даваат слоеви меланин, пигмент што кај луѓето ја штити кожата од штетните сончеви зраци.
Габата нема капацитет да ја извлече целата радијација од остатоците на нуклеарната централа во Чернобил, но може да биде полезна за низа други работи.
Примероци веќе се испратени на тестирања во Меѓународната вселенска станица за да се утврди дали може да ги штити астронаутите од космичкото зрачење. Првите резултати се ветувачки и укажуваат дека габата може да се користи за идни живеалишта на други небесни тела, па дури и како антирадиоактивна заштита на храната.
Освен со специфичната исхрана, габата се истакнува и со големата издржливост. Отпорна е на ниски температури, на високи концентрација на сол и на екстремни киселини. Се истражуваат гените што ѝ ја даваат отпорноста заради потенцијална примена во биотехнологијата и земјоделството.