Дали теориската физика бадијала ги троши најдобрите живи умови

Наместо да застанат и да помислат дека тука се крие некаков знак (за исклучок или за грешка во целата теорија), за да не доведат во прашање цел историски континуитет на некоја дисциплина или поддисциплина, и - можеби најважно - за да не мораат да притиснат „избриши“ на цела нивна кариера, повеќето од нив загазуваат во уште поголеми небулози, како теорија на струни или суперсиметрии, чии хипотези не се потврдени, но чие спомнување во друштво на лаици звучи езотерично и учено.

Историјата на физиката е полна со идеи за кои - иако можеби до крај не ги разбираме - сме слушнале, затоа што со нив се занимавале славни физичари или затоа што добиле Нобелова - стандарден модел, Биг бенг, општа релативност итн. Таа е исто така полна со брилијантни идеи за кои ретко кој слушнал, како моделот на Саката, модел на стационална состојба, плазма космологија.... Но непропорционално повеќе внимание денес добиваат теории кои се многу „тренди“, ама без никакви докази за нивната владидност, како суперсиметрија, теорија на струни и мултивселена.

И покрај тоа, голем број кариери во теориската физика на висока енергија која се фокусира на овие теми се успешни. Да се одберат други теми често значи да се работи изолирано и во осама. Идејата за „убавина“ или „природност“ долго време е водечки принцип во физиката, и таа е причината што е дојдено до ваквата ситуација. Во нова книга „Загубени во математиката: како убавината ја заблудува физиката“, Сабин Хозенфелдер вели дека доколку се продолжи со ваквата тенденција, тоа оваа наука може да ја доведе во ќорсокак.

За да ја покаже нашата тенденција да бараме „природни“, инхерентни причини за постоење на разлики во компоненти во универзумот, Форбс во осврт кон книгата прави аналогија помеѓу разликата во приходи на американски милијардери, и разликата помеѓу маси на елементарни честички. Иако во светот на вистинските физичари ова се тешко или никако споредливи работи, во име на илустрирање на проблемот, да речеме дека пред вас е список на реални милијардери од кој треба случајно да одберете двајца и да ја процените разликата во нивните приходи. Значи A-B=C, при што C е скоро сигурно дека нема да биде претерано помало од А или В, и дека најверојатно ќе се брои во милијарди или барем во стотици милиони.

Но ова не излегува секогаш така. Повеќето од над 2.200-те милијардери на светот се вредни помалку од 2 милијарди, а има стотици вредни помеѓу 1 и 1.2 милијарди. Доколку случајно се одберат двајца од нив, тогаш разликата може да биде и само десетина илјади долари, па дури и нула (oдносно да нема разлика).

Ова наведува на претпоставка дека дистрибуцијата на милијардерите не е сосема случајна, и дека можеби постои некоја подлабока причина зошто две навидум неповрзани работи, како двајца милијардери со посебни бизниси и начини на работа, се всушност поврзани. Ова како уверување може уште повеќе да се зацврсти ако се знае дека Камерон и Тајлер Винклевос, двајца од списокот на Форбс, кои имаат иста нето вредност, се првите кои станале милијардери тргнувајќи со биткоини, и притоа се - идентични близнаци.

На теренот на физиката, електронот, најлесната честичка која влегува во составот на атомите, е 300.000 пати помалку тешка од топ кваркот, најтешката честичка според Стандардниот модел. Неутрината се најмалку четири милиони пати полесни од електронот, додека Планковата маса - таканаречената „природна“ енергетска скала за универзумот е 10 на седумнаесетта (или 100.000.000.000.000.000) пати потешка од врвниот кварк.

Повторно е човечки да се претпостави дека зад ваквите разлики има некаква причина, некакво физичко објаснување зошто масите на овие честички се толку различни, како и за степенот на нивната разлика. Еден од начините на кои физиката на 20 век реагирала на ова е да наметне идеја за симетрија при високи енергии која се укинува при ниски. Голем број брилијантни идеи произлегле од овој начин на мислење, особено во полето на физиката на честички (на пример Хигзовиот бозон). Целиот Стандарден модел е изграден врз вакви типови симетрии, а природата како да се согласила со најдобрите теории од оваа област.

И покрај ваквите, и многу други успеси на аргументите во корист на „природноста“, тие не се секогаш плодни. Но без оглед на тоа што понекогаш удираат во ѕид, физичарите упорно се држат до истиот курс, па дури и кога ќе забележат мали но значајни нарушувања на теориите базирани на симетрии. Наместо да застанат и да помислат дека тука се крие некаков знак (за исклучок или за грешка во целата теорија), за да не доведат во прашање цел историски континуитет на некоја дисциплина или поддисциплина, и - можеби најважно - за да не мораат да притиснат „избриши“ на цела нивна кариера, повеќето од нив загазуваат во уште поголеми небулози, како теорија на струни или суперсиметрии, чии хипотези не се потврдени, но чие спомнување во друштво на лаици звучи езотерично и учено.  Можеби причините и не се чисто практични (некој да не остане без грант или без работа) туку лежат во подлабоката потреба да се најде некоја унифицирачка причина, некои „чуму“ и „зошто“ кои би ги објасиле појавите и процесите, а без кои се изгледа како еден голем и бесмислен хаос, што всушност и е.

На оние кои страдаат од когнитивна дисонанца не им се бендисуваат овие аргументи, исто како и на оние кои сметаат дека природноста е водечки принцип на теоретската физика. Но за интелектуално чесните научници (и тоа не само во сферата на физиката) ова би можеле да бидат просветлувачки и олеснувачки аргументи кои конечно некој се осмелил да ги изговори, и со тоа јавно да ја изрази нелагодноста која ја чувствуваат многумина. 

 

21 јуни 2018 - 13:11