
Американски научници откриле два лека против маларија за кои тврдат дека имаат стопроцентно дејство кај комарците. Тие предлагаат со коктел од лекови да се обложат заштитните мрежи, кои заедно со вакцините се покажале како најефикасни против ширењето на болеста. Во допир со мрежите комарците би го примиле лекот преку своите нозе и повеќе нема сериозно да го загрозат човекот дури и ако го каснат за да му цицаат крв.
Паразитите од маларија, кои убиваат речиси 600.000 луѓе годишно, главно деца, ги пренесуваат женските комарци кога пијат крв, вообичаено ноќе. Како заштита веќе се користат мрежи обложени со инсектициди, но комарците брзо стекнуваат отпорност на хемикалиите. Мрежите со лекови би ја задржале ефикасноста цела година, поради што се евтина и долготрајна алтернатива.
Сите напори досега се фокусираа како да се убие комарецот. Не сме се обиделе да ги убиеме паразитите, објаснува докторката Александра Пробст од Харвард.
Нејзиниот тим анализирал ДНК на маларијата за да пронајде слаби точки додека паразитот ги заразува комарците. Од тестирани 22 разни лекови на материјал од кои се прават мрежи, два стопроцентно ги убиле паразитите кај комарците.
Дури и ако комарецот го преживее контактот со мрежата, паразитите умираат и тој повеќе не пренесува маларија, објаснува Пробст.
Таа вели дека паразитите на маларија имаат помала веројатност да стекнат отпорност на лекови бидејќи ги има по само пет во секој комарец. Кога ќе заразат човек, се размножуваат во милијарди.
Новиот пристап досега е докажан само во лабораторија. Во следната фаза во Етиопија ќе биде тестирано дејството на мрежи обложени и со инсектицид и со лек за маларија. Резултатите за ефикасноста и можните несакани ефекти се очекуваат по најмалку шест години.
******
Види и: Никој не знае што точно ќе се случи ако комарците ги истребиме до последен