6 погрешни работи околу наука и медицина што треба да останат во 2016

Ако за време на најпренесуваните и медиумски најзастапени претседателски избори, дузина маргинални сајтови успеаа да предизвикаат хаварија тогаш не е ни чудо што науката и медицината не можат глава да кренат од најразлични недокажани или докажано неточни концепти.

1. Вежбањето помага за слабеење

Иако фабричкиот сетинг ни е - вежбањето е најважно за да ослабеш, последниве години се собираат се повеќе научни докази кои покажуваат дека вежбањето, иако е одлично за здравјето, не е така клучно за слабеење.

Анализа на 60 студии на тема слабеење, меѓу кои и високо-квалитетни систематски анализи на достапните истражувања, покажаа дека вишокот калории кои ги согоруваш се само мал дел од твојата вкупна потрошувачка на енергија, и дека намалувањето на храната е многу поефикасен начин за губење тежина.

Да нема забуна: вежбањето има неверојатни здравствени бенефити, го намалува ризикот од хронични состојби како дијабетес и срцеви заболувања, ги засилува коските и мускулите, и помага во контрола на килажата, ама не е најефикасниот начин за слабеење.

 

2. Уште од 1998 нема глобално затоплување

Има, и не е прекинато, и нема што да се разговара околу тоа.

 

3. Антибиотици лечат настинки

Со години докторите практично ја молат јавноста да престане да зема антибиотици во случај на грип и настинки.

Прво, тие не функционираат затоа што антибиотици лекуваат бактериски инфекции, настинка и грип се предизвикани од вируси. Заради ова земањето антибиотици за овие болести е излишно и непотребно.

Второ, колку повеќе земаш антибиотици, посебно кога не се потребни, толку повеќе се зголемуваат шансите за развивање на бактерии отпорни на антибиотици.

 

4. Ти треба силна волја за да ги оствариш твоите цели

Концептот што го имаме прифатено е дека - ако нешто многу сакаш да го постигнеш, ќе мора да се помачиш за тоа. На пример, да одолееш на благо ако си на диета, или да не трошиш пари ако си заглавен со кредити.

Она што се повеќе психолози го тврдат е дека силната волја сама по себе е неефикасна стратегија - ако се најдеш пред куп колачи, купот колачи веќе победил.

Како што објаснува психологот Кентаро Фуџита "луѓето кои се стварно добри во самоконтрола на прво место воопшто не ги ни имаат овие борби". Германска студија заклучува дека луѓето кои тврдат дека се одлични во само-контрола воопшто не ја ни употребуваат.

 

5. ГМО е небезбедно за јадење

Од појавата на генетски модификувана храна во 90-те, милијарди луѓе имаат консумирано ГМ состојки, без никакви видливи последици. И покрај ова анти-ГМО движењето не губи на сила.

Минатиот мај американската Национална академија на науки објави извештај за ГМ културите, во кој независни експерти откриваат, исто како и претходни студии, дека тие се идентично безбедни за јадење како и нивните конвенционални верзии.

Покрај другите докази: научниците немаат најдено никаков раст во дебелината или случаи на рак или гастроинтестинални болести или алергии кои можат да бидат поврзани со внесувањето на ГМ храна.

 

6. Хомеопатијата е медицински третман

Како една од најистрајните форми на змиско масло достапни на потрошувачите, хомеопатијата е присутна уште од 1814. Дури годинава американските власти одлучија да побараат од производителите на хомеопатски лекови да покажат издржани научни докази за здравствените тврдења на нивниот производ ако сакаат да го продаваат во САД.

Приложувањето на овој доказ е речиси невозможно имајќи ја предвид постапката на правење хомеопатски "лекови" која се сведува на создавање екстремно растворена верзија на растителни и животински екстракти за кои се верува дека ги олеснуваат симптомите на болеста.

На сето ова, научната заедница е монолитно сложна против хомеопатијата, за која во најразлични форми имаат докажувано дека не функционира.

27 декември 2016 - 09:26