Игор Стравински и неговата „нелегална“ верзија на американската химна

Со најдобри намери и мотиви, Стравински решава да изведе своја верзија на химната на неговата земја домаќин. Но, во “The Star-Spangled Banner,” додава еден чуден акорд и ете ти ја бостонската полиција на врата.

Игор Стравински емигрира во САД во 1939 година. Стигнува во Њујорк за брзо да се скраси на Кембриџ. Две години држи предавања на Харвард, во рамките на школата на Чарлс Елиот Нортон а додека живее во Бостон, диригира и со тамошниот симфониски оркестар.

Во една прилика решава да изведе негов аранжман на “The Star-Spangled Banner,” направен „од желба да сторам нешто во овие тешки времиња во кои треба дa се зачува духот на патриотизмот во оваа земја.“

Датумот е јануари 1944 година и јасно е дека мисли на американската улога во Втората Светска Војна.

Како и што може да се очекува од Стравински, неговата верзија на американската химна не е најконвенционална (додава една доминантна седмица во аранжманот што звучи малку необично ама па и свежо, слушни нa 1:30).

Но, тврдите уши на бостонската полиција баш и немаат разбирање за префинетиот авторски сензибилитет на композиторот, па му издава официјално предупредување дека постои закон против менување на националната химна (што правно не е најточно). Неволно, Стравински ја вади композицијата од репертоарот.

Подолу можете да ја слушнете верзијата на Стравински на “Star-Spangled Banner” изведена од Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентство на Мајкл Тисон Томас. На интернет ќе наидете на многу апокрифни полициски фотки од Стравински по повод овој случај, но, наспроти митологијата која е изградена, Стравински никогаш не бил уапсен.

*****

Види и:

Малку е селачки да не можеш да навикнеш на химна

5 јули 2019 - 10:07