За Гуча:
Ти знаеш што е Гуча. Луѓето опасно свират, овие нашиве Цигани. Знаат овде-онде да се раштимани ама коге ќе почнат да свират - тоа е грување. Едно време од дискографската куќа Ења Рекордс за која снимам со години, ми викаат, ти треба да свириш со нив. Му објаснувам на Екрем Сејдиќ дека продуцентот ми предложил да свириме заедно, тие да ме следат. Прашувам, би дошле ли во Минхен? Не, не чини то. А во Белград? Не, и тоа им е голем град. Сакаат онаму кајшто мириса на ќебапчиња. И, одам јас во Врање. Првиот ден беше малку напнато. Тие ќе застанат во круг и свират. Свириме заедно, завршуваме, одеднаш тишина во кругот. Покрај мене Екрем со својата труба, се врти кон мене, ми подава рака и ми вика: „Госпон професоре, бате Дуле - сега си наш“. Ме примаат во племето!
За џезот:
Ако човек се реши да свири џез, првиот услов е да има ритам, тајминг - тоа или имаш, или немаш, тоа е вродено. Може да се научи хармонија и теорија, но човек мора да поседува чувство за свирење џез. Луис Армстронг еднаш ми го има кажано тоа, му преведував некое интервју во Германија. На прашањето „Каде има џез и свинг, дали се тоа некои одредени земји?“ одговори: „Не, џезот е онаму кајшто ќе го најдеш. Оној што свингува никогаш не се знае од каде е, дали е бел, жолт или црн, дали е од Африка, Амстердам или Торонто - таму е џезот кај што ќе го најдеш. Никогаш не се знае. Вродена работа е тоа.“
За Америка и препораката за Беркли:
Свиревме во клуб во Франкфурт и утредента за доручек седиме со Стен Гец, Арт Фармер и Оскар Петифорд. Им викам, ми нудат стипeндија за Америка ама ми треба препорака. Гец извади лист од измрсеното мени замастено од кобасици и пиво, ми напиша препорака а другиве ја потпишаа. Го спакував тоа и го пратив. Подоцна добив писмо: „Добредојдени сте во секое време“.
За Чет Бејкер:
Се дружевме речиси цел живот, сè додека онака несреќно не загина. Специјален талент, со уникатна боја на трубата. Ми беше жал што никако не успеваше да го остави хероинот. Ми викаше, би го задавил оној што првпат ми има дадено дрога. Баш заради него јас не се дрогирав. Бев тазе дојден во Франкфурт од Југославија. Газдата на клубот ми вика: „На пауза оди горе и најди го Чет за вториот сет, тој не знае ни колку е саат ни ништо“. Одам по него и кога видов како ја забодува онаа игла во вена, толку се престрашив што после во живот немам пипнато тоа. Доволно сум луд што свирам џез труба, не ми треба уште нешто за да бидам полуд.
* извор