Решена една од мистериите во врска со Принц

Го имаме и ние објавено тоа легендарно парче кое глобално е видено преку 65 милиони пати (види: Кога Принц цимoли јако), но кое остави една загатка откако Принц го заврши своето соло.

Како што пишавме:

„Една фина репрезентативна екипа која ја изведува "While my guitar gently weeps" на Битлси. Тука се Том Пети, Стив Винвуд, Принц.... особено Принц.“

Значи, целото видео е уживање  но работите драматично се загреваат некаде на три ипол минути кога Принц излегува од сенката и приредува едно гитарско соло од кое станува јасно за каков инструменталист се работи. 

Принц го дава тоа соло, вилиците паѓаат, на крај завршува, ја симнува гитарата, ја џитка во воздух и фала многу пријатно!

И илјадници фанови од тогаш се прашуваат каде заврши таа гитара?

Се работи за уигран потег. Принц честопати завршувал сола на тој начин на свои концерти при што негов техничар бил задолжен да вреба во прв ред и да ја фати. Некогаш не успевал па гитарата ја фаќал фан или пак гитарата знаела да падне и да се поткрши но тоа било цената која тој бил спремен да ја плати за да изгледа онака кул. 

Таа вечер техничар на Принц бил извесен Такуми Суитсугу кој открива дека во конкретниот случај имал задача да ја фати гитарата и да ја предаде на конкретен фан - Опра Винфри. Дали претходно Принц и Опра се имаат договорено или пак тој сакал да ја изненади неа, Такуми не знае. Ама, таа гитара денес ја има Опра Винфри.

Ете, и тоа го решивме.

 

 

.

17 март 2018 - 07:31