пишуваат: Ник Мејсон и Роџер Вотерс
По повод неодамнешната вест дека Ролинг Стоунси ќе одржат прв концерт во нивната кариера во Израел, во овој критичен момент во глобалната борба за палестинска слобода и еднакви права, ние, двајцата сè уште живи основачи на Пинк флојд, се здруживме во поддршка на „Бојкот, неинвестирање и санкции" (БНС), растечко, ненасилно и глобално движење за човекови права, иницирано од Палестинското граѓанско општество во 2005, за ставање крај на окупацијата, расната дискриминација и непризнавањето на основните права на Палестинците од страна на Израел.
Ова движење е моделирано според успешните ненасилни движења кои помогнаа во укинувањето на расистичките закони на Џим Кроу на американскиот југ и апартхејдот во Јужна Африка. Секако, клучните фигури кои ја раководеа борбата за слобода во Јужна Африка, како архиепископот Дезмонд Туту и блискиот соработник на Мандела, Ахмед Катрада, ја дадоа својата поддршка на БНС за палестинските права. БНС ни нуди начин за ненасилен притисок врз израелската влада, за таа целосно да сфати дека неправдите кои ги врши во однос на палестинскиот народ се правно и морално неприфатливи и неодржливи.
Движењето не промовира некоја специфична политичка рамка - една држава или две - а тоа не го правиме ни ние. Наспроти ова, ние повикуваме на решение кое се базира на слобода, правда и еднакви права за сите, без оглед на идентитетот, и кое не предизвикува дополнително страдање за кој и да е народ.
Оттаму, на сите бендови кои имаат намера да свират во Израел во 2014, им порачуваме да ја преиспитаат својата одлука. Да се свири сега во Израел е еднакво со тоа да се свири во Сан сити на врвот на јужноафриканскиот апартхејд; без оглед на вашите намери, минувањето на граничната линија овозможува пропаганда којашто израелската влада ќе ја употреби во своите обиди да ги оправда политиките на нејзиниот неправичен и расистички режим.