Ноел Галагер: Ја сакав мама додека не го роди Лијам

„Ова има да заврши лошо,“ вели во диктафон на почетокот на интертвјуто еден од браќата од Оазис. „Дај боже да испадне така,“ однапред се радува новинарот на Гардијан.

За Ноел Галагер интервјуата се еден од поголемите ризици на она со кое се занимава. Бидејќи во суштина тоа знаат да бидат многу бизарни ситуации; седиш со некој новинар од Шведска кого првпат го гледаш а тој те прашува за односот со мајка ти.

„Искрениот опдговор би бил "А што те боли тебе за тоа?, ама знаеш дека паметен (шоубиз) одговор е 'Ја сакав додека не го роди Лијам'“.

Лијам, се разбира, е неизбежна тема во секој муабет со Ноел бидејќи односот меѓу тие двајца е клучен за сите фази на таа приказна; од одличните први албуми на Оазис и легендарните свирки (една од таквите свирки имате на крајот на оваа статија, Небворт парк, 1996, концерт за кој се имал пријавено секој 20-ти Англичанец), преку периодот во која бендот стана малку досаден и предвидлив па се до парискиот физички скандал меѓу браќата во 2009 година после кој групата се распадна. 

Со години нивниот однос е токсичен а неодамна Ноел го обвини помладиот брат дека им праќал навредливи и агресивни пораки на неговите деца. Ноел повторно прави музика, но сега излегува од гитарскиот звук по кој е познат и притоа знае дека ќе разочара многу фанови.

„Сакам да сум во соба со нив кога првпат ќе го слушнат новиот албум“, вели Ноел кој просто сака да ремети луѓе, каков што беше околу брегзит кога рече дека има само една поглупа работа од гласање за брегзиот, а тоа е да пробаш да го поништиш резултатот.

„Одма ме прогласија за нацист! Нацист, стварно? Фан на Третиот Рајх?“

Ноел е оптимист за иднината и не верува во апокалиптични сценарија, на пример околу глобалната нуклеарна војна. Ваков му е резонот:

„Не хранат со страв дека оној дечко од Северна Кореја ќе направи нуклеарна пиздарија. Ама дечкото сака баскет, како може фан на баскет да е толку луд? Значи, ние ќе бидеме ок. А за внуците и правнуците, кој ги ебе. Може па да испаднат идиоти. Тоа им го викам на моите деца, од кај да знам со кого ќе се венчате?“

Има 52 години, два сина, родово се идентификува како Манчестерец и вели дека клинците му отвориле уши за некоја добра и поштена нова музика, како што е Стормзи.

Оазис и Стормзи се на два различни музички краја но обете идеи извираат од работничка Англија. „Стормзи е англиски исто колку што се англиски Палп, Кинкс или Џем“.

Новинарот на Гардијан го прашува дали ги слушал соло материјалите на Лијам.

„Не сум ги слушал бидејќи не можам да му го поднесам гласот. Ама сум ги начекал на радио. Да ги затворам моите два сина во соба - едниот има 9 а другиот 11 години - за 45 минути ќе излезат со подобра музика од онаа на Лијам.“

Има ли шанси во некоја иднина тие двајца сепак да се смират?

„Јас имам една суштинска мана во инаку пефектниот облик на човечко суштество какво што сум, а тоа е што не простувам. Кога ќе почнеш да им праќаш навредливи пораки на моите деца и да оправдуваш што жена ми ја линчуваат по социјални мрежи, за мене си завршена приказна.“

Го завршува интервјуто со генијална порака:

„Немој ништо да си ме цитирал!“

*******

Еве ја таа свирка од 1996-та година, одлична.

15 август 2019 - 09:25