"Музиката некогаш беше крајот на равенката, денеска е само почеток на равенката", вели Стив Карлес кој беше бизнис партнер на убиениот рапер Нипси Хасл, обидувајќи се да долови колку до непрепознатливост е сменет некогашниот бизнис модел со музиката.
А тој беше испретумбан од технологијата: артистот се одвојува од својата музика на стриминг сервисите, порастот на социјалните медиуми доведува до поголема интимност меѓу нив и фановите па физичката музика веќе не е примарен начин на кој се лови вниманието и парите на следбениците. Во меѓувреме, стриминг платформите успеаја да се инсертираат како клучен посредник меѓу уметниците и нивните фанови.
Накратко, за мега популарните артисти, самиот албум е само мал дел од нивната бизнис платформа, и ни оддалеку не е најпрофитабилниот. Не дека не земаат пари и од физичката продажба: Тејлор Свифт неодамна понуди дури 8 различни делукс изданија на нејзиниот албум Фолклор. Но генерално, албумот служи само за да се стартува еден проект кој има далеку поамбициозни доходовни линии: мрчендајзинг, турнеи, лиценцирања и друго.
Тоа се случува на едниот крај на бизнисот. На другиот крај се мали артисти и имиња кои имаат посветена фан база и за кои албумот останува центар на финансиската конверзација.
Во меѓувреме, се пореметија и топ листите поради тоа што денес албумите се продаваат во примамливи пакети (заедно со маици и тракатанци) па е нејасно колкав дел од популарноста се должи на самата музика а колку на паметно смисленото пакетче.
Најмногу се очекува од првата недела на издавањето на албумот, кога тој се пакетира заедно со други скапи придружни производи. Отприлика, издавањето албум денес често изгледа како отворање нова продавница за облека,.
Најниска цена на еден албум е 3,99 долари. Ако се знае дека маица или дукс, тематски поврзани со тој албум чинат и 50 долари а билет за концерт неколку пати повеќе, јасно е дека цената на самиот албум е минорна во крајната равенка.
Пред стриминг ерата, музичарите се обидуваа да извлечат максимална вредност од самиот албум. Најрадикален пример за тоа бае Ву-Танг Клан кои албумот “Once Upon a Time in Shaolin” го издадоа во еден единствен примерок и тој му го продадоа на контроверзниот фармацевтски преварант Мартин Шкрели за 2 милиона долари (ама види и „Мартин Шкрели дебело се лизна на Кање Вест“).
Рејдиохед, Хасл и други музичари одамна сфатија дека нивните фанови се групирани во различни множества: добар дел од нив не би сакале да платат ништо ама има такви кои ќе платат и за првиве. Тоа се оние кои физичките албуми ги гледаат како талисмани и како особено вредни тотеми во нивните колекции па се спремни да платат повеќе отколку што треба. Кога Рејдиохед во 2007-ма го понудија нивниот седми албум “In Rainbows” по моделот плати-колку-сакаш, три милиони луѓе извадија пари.
Bandcamp е едно од најголемите места за онлајн продажба на албуми - дневно продаваат и по 80.000 долари, половина од нив дигитални. И таму поголемиот дел се продава по истиот „плати-колку-сакаш“ модел при што се доаѓа до пристојни 9 долари во просек, но затоа има фанови кои плаќаат неколку пати повеќе. Има и такви кои ќе одвојат 1.000 долари за албум.
“Јас сум сиромашен дечко од сиромашни родители кој е пораснат во сиромашен крај. Ме трогнува тоа што некои фанови се спремни да платат за неколку копии од истиот албум како знак на нивна поддршка за мојата музика“, вели Рори Фереира a.к.a. R.A.P. Ferreira.
Откако забележал дека на Discogs (слично на Бендкемп), физичките верзии на неговите албуми се трампаат за неколку пати повисока цена од оригиналната, Фереира реши следниот винил “Purple Moonlight Pages,” да го понуди за 77 долари, што е необично висока цена дури и за двоен албум. Иако истиот албум го има регуларно на стриминг платформи, Фереира преку својот сајт бргу ги продал сите 1.500 копии кои ги имал.
Притоа му е мерак што лично им ги пакува и им ги праќа на фановите. Вика, не влегов во музика за да диплам и продавам маици.