Сумата е проценета од Д'Мари, компанија за аналитика кој го следи досегот на социјалните медиуми. Сумата што ја одредуваат за Бијонсе и други ѕвезди се базира на 56 различни метрики, кои вклучуваат број на следбеници (Бијонсе ги има над 100 милиони), колку пати е кликнато и општа интеракција со постот (коментирање, реакции и сл).
Д'Мари проценуваат дека Бијонсе е "највлијателниот" човек на социјалните медиуми (од нејзина бранша), благодарејќи на нејзиниот фокус на "автентични и небрендирани содржини". Јасно е дека бројките на Бијонсе не се само од "оригиналноста на содржините" туку голем дел игра и нејзината слава. Сепак кога таа ја објави својата бременост, тоа не го направи пред новинари или на телевизија туку кај себе на Инстаграм, за 24 часа фотографијата имаше 7 милиони лајкови. Денес има 11 милиони лајкови, над пола милион коментари и е најлајкувана слика во историјата на Инстаграм.
"Постот остава впечаток, без разлика колку е работено на него, дека Бијонсе сака своите лични новости да ги презентира директно на фановите. Да им врати за нивната верност.
За помалку од деценија социјалните медиуми станаа моќно место од кое ѕвездите можат да го засилат својот бренд. Крајно визуелни, интерактивни платформи како Инстаграм се исклучително добри да нè прелажат да мислиме дека милијардерите музичари ни се пријатели, достапни на само едно допирање на екранот, наместо да нè надвиснуваат од огромните бини или да ни се смеат од огромните екрани.
И тука се и парите. Благодарејќи на рапидните измени во индустријата на забава, статус-квото е поместено. Продуцентските куќи порано диктираа сè од продукцијата на целиот албум на музичарот, до неговите односи со јавноста и неговиот изглед. Продуцентите и понатаму раководат со првата ставка, ама таа станува се помалку важна," пишува Ејми Вонг во Кварц.
Бидејќи новиот модел на продажба на музика (Спотифај и сл.) им плаќа многу малку на музичарите во споредба со продажбата на ЦД-а или песни на Ајтјунс, западот веќе ја има надминато продажбата на албуми како фактор во финансиското планирање околу музичарот. Како што објаснува Сара Кази од Морган Стенли, сега "бизнисот на музичарот е во настапи во живо, продажба на призводи и спонзорства." На пример, еден од таквите случаи е Ченс кој не само што нема продуцентска куќа туку и бесплатно ја раздава својата музика.
"Ова не значи дека продуцентските куќи ќе изумрат. Музичарите и понатаму имаат потреба од голема организација која стои зад нив за да финансира, создава и дистрибуира снимана музика. Голем број куќи како британската ХЛ рекордингс, кои ја открија Адел, и понатаму се одлични во откривање на надежни таленти. Сепак промовирањето на музичарите, нивното персонализирање, и правење достапни за луѓето - сето тоа е работа на технолошките компании, ако не и на самите музичари," пишува Вонг.