И касетата воскресе, вајстина воскресе

Иако тешко ќе најдете постар читател на овој сајт кој нема некоја лична хорор приказна за тоа како неговата омилена касета била изџвакана од некој касетофон, или пак таков кој е полн себе што „младиве денес“ појма немаат како касетите биле мотани со молив, ова инфериорно но слатко чудо навистина се враќа на сцената.

Накратко, се враќаат заради две работи: луѓето сакаат да имаат музика во формат поопиплив од клауд а малите музичари мораат да имаат некаков физички производ за шиткање, кога веќе нема свирки.

На фамозниот саем ИФА Берлин кој важи за предвесник на она што ќе се случува следната технолошка пролет, во 1963 година била претставена аудио-касетата, изум на холандскиот инженер Лу Отенс, кој почина на почетокот на овој март, на 94 годишна возраст.

Иако со вродени хендикепи и мани во однос на винилите, касетите сепак ги редефинираа слушачките навики, особено по појавата на вокменот на Сони кој овозможи индивидуално и мобилно слушање музика. Голем плус беше и можноста на касетите да се снима и преснимува, односно да се создаваат свои колекции. Во пикот на овој формат, во 1989 година, само во Велика Британија биле продадени 83 милиони касети. 

Касетите поштено изгубија од супериорните ЦД-а а потоа и од дигиталните формати (mp3, mp4), но тие задржуваат место во историјата на аудио технологијата, со миксаните касети како увертира во денешните плејлисти и со Вокменот како предок на Ајподот.

Иако секогаш се сметале за естетски и технички инфериорни во однос на романтизираниот винил, касетите сега повторно се враќаат, делумно од сентиментални причини но и како еден од ретките начини, во услови кога свирки се забранети, мали артисти да дојдат до некоја пара. Имено, поради бруталните услови на глобалните стриминг платформи, независните музичари се принудени да имаат некаков опиплив, физички производ кој може да се продаде. А касетите се поевтини за правење отколку да се печатат плочи и омоти.

Пандемиската 2020 година, меѓу другото може да се запамети и како година на касетите иако самиот Отенс никогаш не веруваше во нивн камбек поради техничката супериорност на ЦД-ата. По него пресудна карактеристика на кој било аудио формат е чистотата и прецизноста на звукот, но, имајќи ги на ум оние непоправливо носталгични конзументи, сепак има заклучено дека „луѓето главно го слушаат она што сакаат да го слушаат.“

Во 2020-та година во Британија биле продадени 156.542 касети, што е најголема бројка од 2003 година и претставува пораст од 94.7% во однос на претходната, 2019 година. Од нигде никаде, касети почнаа да објавуваат и имиња како Леди Гага и Дуа Липа.

„Уживањето во музиката е нешто повеќе од дебата околу квалитетот на звукот. Нашето уживање во музиката и културните ритуали кои се создаваат околу тоа, се комплексни и длабоки социјални феномени кои допираат нешто повеќе во нас отколку што се само ушите“, објаснува Иан Тејлор, професор по музичка историја од Универзитетот во Бирмингем.

 

1 април 2021 - 17:54