"На AC/DC повеќе ќе им недостасува Брајан Џонсон отколку што нему ќе му недостасуваат AC/DC", рече Роџер Далтри по објавата дека заменски вокалист на групата ќе биде Аксл Роуз.
Тој го обвини бендот за груб и лаконски однос кон својот долгогодишен фронтмен откако тој обелодени дека има проблеми со слухот кои можат да доведат до комплетно губење на сетилото. После ова AC/DC пуштија едно кратко - прекратко со оглед на улогата и придонесот на Џонсон - соопштение во кое му се заблагодарија на досегашниот труд, изразија жалење што има проблеми и веднаш ја најавија неговата замена.
"Тоа мора да боли. После онолку напор, вложување на себе и служење на бендот, да се простат од него на таков начин. Но. што да очекуваш од Австралијци? Зборував со Брајан, тој има толку многу планови што да прави надвор од AC/DC. Го знам преку 40 години, тој е прекрасен човек," рече Далтри кому на памет не му паѓа да оди на концерт на групата со Аксл на микрофонот бидејќи, според него, тоа ќе биде обично караоке.