Има своја колекција, има напишано книга, води кулинарско шоу во родната Австралија, лани беше лице лице на Ралф Лорен а година пред тоа се појави на насловната на италијанскиот Вог.
Па сепак, како лик е прилично непозната, само затоа што не е во редот на тн стрејт модели. Овојпат, стрејтерството нема врска со сексуалната ориентација туку со големината.
Робин Лоули е убава и голема жена. Речиси 190 сантиметри и 80 фино распоредени килограми во нејзиното здраво и едро тело.
На почетокот на манекенската кариера пробала и успеала да се зипува за неколку броја но подоцна сфатила дека одржувањето на манекенските тежини ја води кон мизерен живот па прифатила да влезе во специјализираниот моден свет за крупни жени.
Иронијата е во тоа што нејзиниот број е поблизок до оној на просечната жена отколку најпопуларните денешни мега манекенки од типот Кара Делевињ (подолу на сликата). А Лоули вели дека таквото лицемерие на модниот свет ужасно ја фрустрира.
"Замислете ги покрупните кои никогаш не гледаат манекенка која нив ги претставува или пак носи облека што тие ја посакуваат,' вели таа.
Во јуни 2011, заедно со уште две девојки од нејзин калибар стануваат први плус-сајз модели кои се појавуваат на насловна на Вог. Носеле прескапи модели од Гучи и Диор кои морале да бидат прекројувани за да можат да ги зберат.
"Никој од екипата дотогаш немаше работено со девојки како нас и сите беа испаничени, не знаеа што да ни прават," се сеќава Австралијанката на која и е нејасно како се случи тоа облините денес да се сметаат за невкусни и провокативни.
Таа не смета дека главниот денешен проблем се анорексичните модели туку тоа што му недостасува различност. И во големини и во етницитети и во возрасти.