Се работи за LA Times, еден од најголемите и најугледни американски весници кој се печати цели 133 години.
Деновиве уредништвото призна дека во три статии во весникот им се поткраднале сериозни грешки. Содржината на самите статии за нас се крајно небитни; се работи за некакви сексуални малтретирања во студентски кампус и прашањето дали таквите случаи биле прикривани од надлежните.
Истовремено, новинарот Џејсон Фелч кој стоел зад написите е избркан од работа откако сам признал дека одржувал интимни односи со извор на неговите информации за сторијата. Дополнително, тој се правда дека таквите односи започнале неколку недели откако сторијата била објавена.
Има тука уште еден интересен податок: по статиите објавени во ЛА Тајмс, Универзитетот најмува специјализирана ПР и консултантска фирма за да му помогне да се справи со кризата. Главниот човек кој им помага во тоа и кој издејствувал ваков хепиенд за угледот на Универзитетот е Ралф Фрамолино, долгогодишен новинар во истиот овој весник. И згора на сè, близок соработник на Фелч со кого заедно имаат напишано книга која за малку ќе освоела Пулицерова награда.