Крстозборот насловен како „Некоја тема недостасува“ е дело на консултант од Вашингтон, Рајан Меккарти, кој претходно веќе има објавено 22 други крстозбори. Во дописот до Њујорк тајмс тој пишува и дека е пресреќен што го објавиле и дека тоа е едно од неговите омилени дела, затоа што опфаќа термини од многу различни области.
Меккарти додава и дека првично сакал да го направи со 15 реда (15х15) но потоа одлучил да ја прошири рамката за крстозборот да добие „забавна центрипетална форма“.
Набрзо читателите сфатија дека формата што ја образуваат црните полиња ги потсетува на кукаст крст. Син му на Трамп ја оцени постапката како одвратна, и запраша што би било кога такво нешто би сторил некој што не е идеолошки поврзан со овој медиум, додека други забележуваат дека „доколку ова е коинциденција, некој од уредниците сигурно ќе ја увидел и ќе ја стопирал објавата“.
Медиумот и претходно е обвинуван за објавување на анти-израелски содржини, а израелскиот медиумски конгломерат, Израел Нешнал Њуз, спроведе и анкета каде во која 85% од испитаниците сметаат дека ова е свесна провокација.
Њујорк тајмс одговори дека се работи за стандарден дизајн на крстозбор, и дека како и многу други крстозбори има спирална шема заради правилата на ротациската симетрија.
Слични проблеми со крстозбори и свастика Тајмс имаше и во 2014 и 2017.