Идејата за најсекси маж доаѓа од 1985-та и тогашната главна уредничка на Пипл магазинот, Пет Рајан, која во Тајм инк. влегува како секретарка / дактилографка и од таму напредува во кариерата за да стане првата уредничка во магазинот. Во првите години изборот паѓа на возрасни мажи "за кои сонуваат" тинејџерките читателки. "Магазинот нуди прочистен издув на женските копнежи."
Кога во 1987-ма Рајан се сели во Лајф магазинот, на чело на Пипл доаѓа маж уредник, што посебно ја комплицира целата идеја за изборот на најсекси маж. Тогашниот уредник, понесен од тоа што најмногу бараат читателите, во тоа време вести за британското кралско семејство, конкретно за Лејди Дијана, се решава да го стави "принцот од американското кралско семејство," Џон Ф. Кенеди јуниор. Насловната со него се продава во неверојатни 2 милиони примероци.
Истата формула Пипл ја тера се до 1993-та, кога решава наместо Најсекси маж да избере Најсекси двојка. Насловната ја добиваат Синди Крафорд и Ричард Гир. Заради премногу стории со насилство врз жени, во 1994-та Пипл не го прави изборот на Најсекси маж. 95-та изборот триумфално се враќа, со насловна од Бред Пит. За овој едиторијал Пипл ангажира 8 новинари кои ќе ја истражуваат целата приказна на тогаш младиот актер.
Во 1996-та Пипл ја прекинува серијата од 10 белци, и за најсекси маж, за прв пат прогласува црнец, Дензел Вашингтон. По него следува серија од уште 17 бели момци.
Низ годините магазинот се труди да ја балансира возраста на победниците и да не бидат тоа само млади мажи, меѓутоа од 2005-та тоа речиси го баталува и се концентрира на млади. Секоја година до 2005-та за изборот се прави и мала драма, во која победникот наводно одбива да зборува со Пипл или да даде интервју. Ова го прекршува "перпетуално разголениот" Метју МекКонахи, кој се подвргнува на интервју со магазинот. Тогаш МекКонахи дава една крајно арогантна и неочекувано прецизна изјава, кога на прашањето кој му е херој, тој одговара "јас за 10 години." Истиот одговор МекКонахи го повторува во говорот при добивањето на првиот Оскар.
Од тогаш се воведува и уште една клучна промена, според која секој прогласен мора да ја прифати титулата Најсекси маж, за разлика, на пример од наградата на Тајм човек на годината, која се доделува без разлика дали ја прифаќаш.
"Секој пат кога сите се чудат зошто Пипл не го направиле очигледниот избор за победник... тоа е затоа што човекот едноставно не сакал да го прифати тоа. Бредли Купер, кој ја доби наградата во годината кога сите сакаа тоа да биде Гослинг, направи се што може за да го промовира магазинот и изборот," објаснува еден поранешен вработен на Пипл.
Изборот на Најсекси маж станува еден од најважните сегменти на Пипл магазинот, бидејќи шпекулациите и дискусиите денес ги превземаат блоговите со кои Пипл не може да се брка за актуелност.
Изборот на Хемсфорт за годинава ги исполнува сите стандарди по кои до сега се води магазинот. Критиката е дека во совршен свет би победил Нил Патрик Харис, како невиден ПиАр пресврт во кој за прв пат за Најсекси маж е избран геј маж.