Насловната страница на магазинот Тајмс од јули 2000 година излезе со фотографија на професорот Инго Потрикус од циришкиот институт за технологија (оној на кој учел и предавал Ајнштајн), опкружен со оранжериски стебла ориз.
И мрсен наслов:
„Овој ориз може да спасува милион деца годишно.“
Го нарекле „златен ориз“ поради бојата, а бил производ на деветгодишни истражувања, експерименти и развој, предводени од професорот. „Златото“ всушност е бета каротен, супстанцата која во човечкото тело се претвора во витамин А. И обичниот ориз содржи бета каротен, но само во стеблото и ливчињата а не и во самите зрна.
Во западниот свет недостаток на витамин А речиси и да не постои но истиот прави парче на други простори на планетава. Од него умираат еден милион луѓе годишно, повеќето деца, на што треба да се додадат и 500.000 случаи на слепило. Во Бангладеш, Кина, Индија и на други места во Азија, многу деца живеат со неколку топки ориз дневно, и ништо друго. За нив, дневна доза од златниот ориз ќе беше подарок на живот и вид.
Згора на се, развојот на златниот ориз не беше наменет за профит (како што тоа Монсанто го правеше/прави со своите производи за кои не дозволува сам да сочуваш семенски материјал за догодина бидејќи и за семето има „авторски права“).
Тогаш, што се случи?
Најбитниот детал е што златниот ориз е генетски модифициран организам и како таков, на неговите зрна се истури целиот политички, идеолошки и емотивен багаж кој следува со асоцијацијата на ГМО. Страв, гард, непријателство и критицизам од многу организации и индивидуи.
Некои од нив прилично моќни, каква што е Гринпис која беше особено гласна против златниот ориз. Не само гласна туку и лажлива. Своевремено објавија соопштение по кое човек треба да изеде 9 кила сварен златен ориз (а трудници 18 кила), за да не дојде до недостаток на витамин А. Не само што тоа го пуштија пред какви било истражувања на таа тема туку овие тврдења подоцна се покажаа како комплетно погрешни. Доцна. „Активистите“ веќе го прогласија златниот ориз за измама.
За целиот случај, харвардскиот професор по генетика Џорџ Чрч има да го каже ова:
„Златниот ориз беше стратешка грешка на Гринпис и нивните сојузници. Милион животи годишно се губат заради недостаток на витаминот А а златниот ориз практично беше подготвен за употреба уште во 2002 година. Секоја година како се одложува неговото користење, на контото доаѓаат нови милион мртви. Тоа е масовно убиство од невидени пропорции. Како што јас ги гледам работите, некој заслужува да биде однесен пред Хашкиот трибунал за злосторства против човештвото. Можеби тоа е лудо, а можеби не е.“