Роден е во Франкфурт, 1968-ма, Христидис пишува романи и драми и се смета за еден од најдобрите грчки современи комедиографи. Неговите книги се пронижени со хумор и атмосфера на добра и критичка заебанција.
Колку е важен фактот дека си роден во Франкфурт?
Фактот дека сум роден во Франкфурт не е важен, тоа беше првата работа која што можев да ја смислам кога ја пишував биографијата за првата книга. Всушност, во Германија бев само 3 месеци, мајка ми и татко ми заминале во доброволен егзил за време на хунтата која траела од 1967-ма до 1974-та.
Мајка ми пеела со Микис Теодоракис кога тоа било опасно, па побегнале во Холандија, татко ми таму работел како режисер и предавал драма во Амстердам, па така јас случајно сум се родил во Франкфурт.
По раѓањето мајка ми заминала на светска турнеја против хунтата со Теодоракис, а јас сум останал со дадилката неколку месеци во Франкфурт, потоа неколку години во Амстердам. Кога размислувам за тоа, мислам дека ми се допаѓа да го дефинирам фактот дека не сум роден во Грција.
Често патуваш и тоа на подолго време. Каде е твојата куќа?
Уште како дете многу патував и изгледа дека не можам да престанам. Патувањата се единствен начин да се почувствувам слободно - далеку од се, блиску до себе. После некое време, секогаш сакам да се вратам дома, на мојот удобен кауч, на моите филмови, музика, пријатели. Но за мене не постои по слободен момент од тој, кога сум во авион над океанот и кога пијам сок од домат. Татковината ми е Грција, како на Тебе што Ти е Србија.
Тоа е она место каде што Ти е семејството и пријателите и работите кои Ти се блиски - звуците, музиката, храната, лицата, настаните, ставовите. Но мене ми е секогаш полесно кога ги оставам тие работи зад себе. Грција е една од најубавите земји што сум ги видел, но за жал, окупирана е со Грци.
А за жал, Грците се олош како и сите други. Уште го имаат тој глуп комплекс на супериорност, со своите моќни антички предци и 2000 години старата цивилизација. Кога сето тоа ќе се помеша со недостатокот на образование, добиваме неподнослив народ што заморува.
Тој комплекс на супериорност се гледа и преку односите со емигрантите. Како ја објаснуваш грчката ксенофобија?
Можам да ти раскажам една приказна. Бев во едно село кое го сакам и во кое одам веќе 20 години (тоа е всушност селото од приказната "Чешкиот доктор") и едни мои локални пријатели ми раскажаа како ги третираат Албанците таму, и како им е кажано дека не смеат да доаѓаат во кафеаната.
И јас прашувам: "Дајте бре, па и Ф. бил емигрант во Германија дваесет години и знае низ што поминуваат тие луѓе." Сите се насмеаја и ми рекоа дека токму Ф. е човекот кој им забранил на Албанците да доаѓаат во кафеаната. Разбираш? Јас не.
Сè е тоа работа на образование, навистина. Ние го немаме. Сè што е сериозно и важно сум го научил во семејството, меѓу пријателите и личното ангажирање.
Училиштето е место каде што учиш само дека да се биде Грк е тоа што е најдобро за тебе и тоа е сè. И така растеш и не стануваш најдобар и ги обвинуваш Евреите и Албанците и Американците и Турците и црнците и навивачите на Олимпијакос и жените (ако си маж) и мажите (ако си жена.)
Иако е членка на ЕУ, ситуацијата во Грција некогаш потсетува на Србија? Што се случува?
За "паметните и итри" грчки локални шефови, ЕУ била и најверојатно сè уште е начин да се земат пари од "глупите" Европејци. На пример, ќе им кажеме дека некако ќе ги потрошиме парите, а ние всушност ќе ги задржиме, па така во првите години многу од тие "шефови" се збогатија, па после ЕУ сфати дека на грчките политичари не може да им се верува и им ги пресекоа финансиите.
За просечниот Грк е добро да биде дел од нешто поголемо, дури и кога тој не е свесен за тоа, бидејќи како што кажав, ние сме родени да веруваме дека сме сами и дека сите се против нас затоа што се љубоморни на нашата голема култура и на нашите - подеднакво големи пениси.
Но не сме само ние како нација одговорни за ваквата состојба. Кога во 1821-ва супер силите Англија, Франција и Русија посакаа да го уништат Отоманското царство, мораа да создадат нови нации, без или со многу малку национална свест. Така смислија, кога е во прашање Грција, тоа да биде историја, бидејќи тоа била единствената работа која сме ја имале.
Секако, овчарите кои живееле тогаш тука, немале ништо заедничко со Александар, Хомер и Патренон. Одеднаш, ги добивме сите тие овчари на кои им е вметната идејата дека токму тие не се овчари, туку горди синови, внуци и далечни роднини на Перикле, Демостен и Питагора, имиња за кои тие самите никогаш не ни чуле, ама изгледало како Европејците да ги почитуваат. Па така, целиот национален идентитет суштински го сведовме на лага: сите сме синови на Сократ (ама не сме хомосексуалци.)
Таа илузија може да биде корисна неколку години или за време на војна, но ако ги држиш луѓето 200 години во верување дека се најдобри и дека секој може да те бакне во газ, порано или подоцна ќе сфатиш дека не е така и ќе паднеш во депресија. Ќе станеш предмет на потсмев. Национален.
Каде е местото на грчките медиуми, можеби најлошите кои сум ги видела?
Грчките медиуми не известуваат за проблемите, тие се дел од проблемот. Скандалите за кои известуваат се бескорисни, затоа што не се решаваат, на крајот од нив ништо не излегува, никој не е казнет, никој не се кае за тоа што го направил, во повеќето случаи "лошите момци" само се промовираат, па дури и се наградувани.
Работата со грчката политика не е во тоа дека некои луѓе се во највисоките општествени кругови и крадат пари од сиромашните. Тоа се случува во сите земји, и западни и источни. Моќните секогаш ги крадат парите од џебовите на сиромашните. Проблемот на Грција повеќе е во тоа што на моќните луѓе им е гајле што ќе дознаеме. Некако тоа ти го прават в лице, па дури и да ги фатат на дело они само промрчуваат, "Во ред е, ѝ дадов на црквата пет планини, тие ми дадоа 5 милиони, и што ти е на ТЕБЕ гајле?"
И ти викаат да одјебеш. А медиумите можат да направат хаос од тоа само неколку дена, по што преминуваат на следната актуелна вест, без разлика дали е тоа некоја нова војна или раѓање на нова панда во пекиншката зоолошка.
Како се чувствуваш како некој што се бави со уметност и култура во земја која и баш не ѝ дошло до тоа?
Односот помеѓу модерната Грција и уметноста е нешто сосема различно од оној во античка Грција. Сега не постои никаков меинстрим интерес за уметност. А, за да имаш пари и внимание ти треба меинстрим. Меѓутоа, министрите за култура во Грција се кловнови.
Што мислиш за современата грчка книжевност?
Модерната грчка книжевност, за жал, во најмала рака е досадна. И се обидува да биде "модерна." Тоа е имитација на цинизмот од '90-те, нешто како Брет Истон, само без хумор. Тоа е како правење на тарантинови филмови без елементи на забава. Само некои луѓе кои се пцујат меѓу себе и гледаат во своите пениси. Не знам што ја прави книгата голема. Мислам, не знам ништо за лов на китови, ама "Моби Дик" е еден од најдобрите романи напишани било кога, со преку 100 страни со детален опис на китот. Ако некој во кафеана почне 45 минути да ми зборува за деловите на китот, најверојатно би се убил со тешки, смртоносни дроги. Но во оваа книга ти сакаш да знаеш сè за китовите, харпуните и другите работи. Зошто? Затоа што ти се допаѓаат приказната, карактерите и луѓето. Има тука нешто што е интересно. Во современата грчка книжевност, тоа нешто недостасува.
А онаа приказна за формата и содржината?
Приказната меѓу формата и содржината е едноставна: повеќето книги се веќе напишани (мислам дека Хенри Милер рекол така.) Тоа значи дека можеш да се бавиш со некоја по значајна тема како што е љубовта, смртта или војната, но тоа не значи дека твојата книга сама по себе ќе биде интересна поради тоа што и само поради тоа што се бави со "исправна" или "голема" тема. Значајно е да најдеш начин да ја кажеш својата приказна, така за да им биде интересна на оние кои читаат, а особено на тебе кој што ја пишуваш.
Не можам да се сетам на многу книги кои ме насмеале, но "Среќниот број на доктор Бу и други летни бајки" секако е една од нив. Дали е смеењето Движечка енергија?
Секогаш некако се случувало да се зафркавам и со најсериозните "работи. Така живеам, така и работам.