Интервју:

Бонг Џун Хо: Тешко е да се ослободиш од стравот

Повеќекратниот Оскаровец зборува за тоа колку долго време го окупира темата на класните разлики и како не е оптимист дека наспроти сите смартфони што сите ги имаме, клучните разлики и јазови меѓу луѓето ќе останат да важат и во генерацијата на неговиот син. За работата со актерите вели дека им ги поедноставува ситуациите, за да можат тие од прва емотивно да ги уловат.

Иако вашите филмови се сакани заради нивниот црн хумор, тие некому може да изгледаат и како цинични. Би се опишале ли себе си како песимист?

Не сум песимист по сите основи но сакам да сум искрен кога се соочувам со реалностите кои се пред нас. Со Паразит размислував дека човештвото постигнало толку голем напредок, на пример смартфоните кои сите ги имаме, но ако размислите за последните 30 години, дали јазот меѓу богатите и сиромашните го снема? Баш и не. Имам син, дали мислам дека тоа ќе се поправи во неговата генерација? Баш и не. А всушност, тоа е извор на сиот страв. Затоа сакав да бидам искрен со тој страв и таа тага и тоа да го покажам.

Дали тој страв се истакнува денес или е тоа нешто за кое размислувате подолго време?

Почнав да ја развивам таа идеја уште во 2013 година но и тогаш економската поларизација и јазот меѓу богатите и сиромашните не беше различен од денес. Тогаш работев на пост-продукцијата на Сноупирсер кој исто така е за класните разлики и класната борба, каде богатите и сиромашните се се возат во многу различни вагони во еден ист воз, па може да се каже дека подолго време сум замислен околу класните разлики. Со Паразит сакав таа приказна да ја покажам во мојата околина, во реалноста.

Како се осигурувате тие емоции и тој страв да бидат претставени реално и на човечен начин? Дали тоа се сведува на емоциите на актерите?

Кога зборувам со глумец, се трудам секоја ситуација да ја претставам едноставно за да може тој веднаш да ја улови емоцијата. Не им кажувам „Види, ако го анализираш сценариото, ќе го почувствуваш политичкиот коментар“. Мислам дека нема потреба да се зборува за тоа. Секогаш им викам: „Нели ти паѓа жал за ликов?“ Таквата конверзација базирана на инстинкти мислам дека им помага околу улогите. Но и просторот знае да биде важен за успехот на еден филм, исто како и актерите и кастингот.

Како тоа мислите?

Кога ќе најдам одлична локација или мислам на некоја одлична локација, возбуден сум исто како да сум нашол одличен актер! Во Окја тргнавме од планините во Кореја а завршивме на Вол Стрит во Њујорк. Тоа е големо патешествие кое се постила на неколку континенти. А Паразит може да биде и театарска продукција, толку е концентриран просторот и 90% од приказната се одвива на само две места. Тоа беше предизвик кој досега не сум го имал. Сноупирсер се одвиваше во хоризонтален а Паразит во вертикален простор.

Откако Окја го пуштивте на Нетфликс во 2018, дали сте среќни што се враќате со филм за големо платно?

Кога го правевме Окја, со кинематографот многу зборувавме за тоа како да направиме оние што почнале да го гледаат филмот на мобилен, да се откажат од тоа. Сакавме да ги натераме сами да посакаат да го гледаат на поголем екран. Не мислам дека стримингот е лош и повторно би работел со Нетфликс но киното и натаму пружа убедливо најдобро искуство за гледање, бидејќи, меѓу другото, гледачот не може да стисне пауза. 

И Окја и и Сноупирсер беа високо-буџетни филмови но вие бевте успешен и кога правевте независни филмови.

Враќањето на мали филмови ми дава поголем простор и можност да обрнам внимание на деталите на филмот. Кога се работи со големи буџети, на режисерот енергијата му оди на многу други работи. Во Паразит бев среќен што можам енергијата да ја насочам кон секој лик и секој детал од филмот.

Кои детали ве прават особено горди?

Сакав да создадам деликатен филм во кој секој лик дури можете и да го помирисате. Себе си се сметам за жанровски режисер. Постојат многу начини жанровските филмови да станат политички а за тоа постои и традиција со научно-фантастичните филмови. И Окја и Сноупирсер имаа  силни  sci-fi бои и можете да ги сметате за политички. Во Паразит основната приказна е за сиромашните и богатите и од прва е политичка, но не сакав да биде само тоа.

Зошто жанровските филмови денес стануваат популарни?

Стануваат ли? Јас сум само еден режисер кој прави жанровски филмови, не сум филмски критичар па немам поширок увид во тоа што се случува надвор. Драго ми е што го слушам тоа. Огромен фан сум на жанровски филмови и иако сакам да ги виткам и кршам конвенциите на жанрот, сакам да работам во тие граници кои жанрот ги одредува. Голем ќеиф знаат да донесат жанровските филмови и драго ми е ако повторно се сакани.

24 февруари 2020 - 10:44