Лажните вести не бираат жртви

Американците го почнаа февруари (меѓу другото) со информацијата дека нацијата е пред снемување сланина, и дека националните залихи на сланина се на најниско ниво во последните 50 години. Медиумите во земјата се на раб да прогласат ДЕФКОН 1.

Изворот на веста е извештај на американското министерство за земјоделие, засилен од Советот за свинско месо на Охајо, во кој се наведува податокот дека резервата им е на најниска точка во последниов половина век. Во бројки, на крајот од 2016 тие имаат резерва од само 8000 тони, што е речиси 15,9 илјади тони помалку од минатата година.

Проблемот е посебно голем што според статистиките американските сточари одгледуваат рекордно многу свињи, а и покрај тоа резервите им се намалуваат. Организацијата има и веб-страна за кризата: baconshortage.com, а веста е пренесена од речиси сите меинстрим медиуми.

Како што објаснува Њујорк тајмс, клучно во толкување на веста е да се знае дека и извештајот и советот зборуваат за резерви на сланина, "замрзнатите резерви се само тоа - резерви", и нема да има воведување ограничување или пар-не пар по матичен број за јадење сланина.

Ова го објаснува и (веројатно најдобриот назив што ќе го прочитате на визит-карта) потпретседателот за анализи на свинско во ЕМИ аналитикс, Стив Мејер, според кого: "има многу свињи, и ќе има многу сланина." Иако резервата на замрзната сланина е драматично намалена, тој повторува дека нема да се случи на Америка да и снема сланина.

2 февруари 2017 - 10:37