Депресија, од граха и купуса

Брега секогаш бил пред времето. Горниот стих на Бијело дугме од 1983 година (од албумот Успаванка за Радмилу М.), во 2022 година добива научна верификација. Вегетаријанци се двојно подепресивни луѓе отколку оние што јадат месо.

„Eating green and feeling blue?“, нафрлува прашање Њујорк пост пренесувајќи резултати од едно бразилско истражување по кое вегетаријанците двојно повеќе страдаат од депресивни епизоди отколку оние што јадат месо.

Истражувањето е објавено во Журнал за афективни пореметувања а утврдува „позитивна корелација меѓу депресивните епизоди и безмесната исхрана.“

Биле опфатени 14.000 учесници на возраст од 35 до 74 години, подвргнати на стандардни тестови за дијагностицирање пореметувања во менталното здравје. Кај вегетаријанците депресиите биле присутни двојно почесто дури и кога во обзир ќе се земат и други фактори како пушењето, пиењето, физичката активност и сл.

„Депресивните епизоди се позастапени кај поединци кои не јадат месо, независно од социо-економските фактори и животниот стил. Нутритивните кусоци не ја објаснуваат оваа поврзаност чија природа останува нејасна и потребни се дополнителни проучувања“, заклучува студијата.

На оваа тема се наоѓаат секакви студии: една од 2017 која вели дека за намалување на депрата најлоша е исхраната со високо процесирана храна, а има и една од 2019 која оди во корист на медитеранската исхрана богата со рибини масла.

Не е сè така „депресивно“ за вегетаријанците. Растенијата можеби не се најдобри за расположение (иако има и такви, намиг) но затоа се добри за срцето и кардиоваскуларниот систем, потсетуваат експертите.

*************

 

 

 

28 септември 2022 - 11:49