Дали сте подготвени да јадете од принтер?

НАСА даде грант од 125.000 долари на луѓе кои ветуваат дека можат да произведат 3Д принтер за храна, концепт до кој најблизок е "репликаторот" од Ѕвездени патеки.

 

Компанијата што треба да го направи ова е Systems & Materials Research Corporation, кои веруваат дека еден ден во секоја кујна ќе има 3Д принтери за храна, кои секојдневно ќе ги создаваат нарачаните оброци на луѓето.

Картриџите на принтерот ќе се полнат со прашок и масла кои ќе се купуваат од локалните продавници, а тие ќе придонесат и за ставање крај на фрлањето храна, бидејќи нивниот рок на траење ќе биде 30 години.

Тие ќе бидат полни со шеќер, комплексни јагленхидрати, протеини и други основни состојки, од кои слој по слој ќе треба да се создаде вашето јадење.

Тоа што моментално е тешко замисливо да јадеш нешто што е отпечатено во 3Д, не значи дека човештвото нема да дојде и до таму, најверојатно некаде кон крајот на овој век.

"Мислам, а и многу други економисти мислат дека сегашниот систем на храна не може ефикасно да снабдува 12 милијарди луѓе (ова би требало да биде пикот на човечката популација). Па ние со тек на време ќе мораме да ја промениме нашата перцепција за тоа што подразбираме под храна."

На краток рок потенцијалниот изум би требало да помогне во мисиите на НАСА надвор од планетата, каде пренесувањето на храна и вода за членовите е една од најкомпликуваните задачи технички и логистички.

Еден од првите кандидати за печатење е пицата, која и онака се прави слој по слој, па е најлесно да се реплицира.

"Прво се печати слој тесто, кој во исто време се пече на вжештената подлога на 3Д принтерот. Потоа над него следува слојот со доматен сос, кој се чува како прашок што се меша со вода и масло. На крај, следува слојот протеин кој може да биде од животни, млеко или растенија."

21 мај 2013 - 18:43