Бебиситери за квасец

Кај нас ќе се искршиш да најдеш сервис за банални потреби (на пример, да не се потопиш кога ќе ти пукне водоводна цевка). Во Стокхолм љубовта знае да биде толку шарена и развиена што подразбира дека има некој да ти ја чува мајата за месени специјалитети додека си на одмор.

Инстант квасецот е за аматери. Свежиот квасец веќе е повисоко ниво но вистинските шамани за глутенски делиции користат кисело тесто - ферментирана мешавина од брашно, вода и некој вид шеќер за прихранување на бактериите кои ја овозможуваат магијата. Ако прописно и систематски се одржува, таквата колонија бактерии може да поживее бааги долго - има пекари на Запад кои со право се гордеат на фактот дека користат иста маја повеќе од еден век. 

Такви фетишисти има секаде, па и во Шведска. Но, Швеѓаните истовремено се луѓе кои можат да уживаат во 5 неделен годишен одмор.

Што со закиселеното тесто во меѓувреме? Тоа не може да издржи толкав период на негрижа. Тука упаѓа една нивна фурна која почнува да го нуди тој сервис. За 3 долари на ден, Швеѓани можат да го доверат во раце на вистински професионалци своето бактериско милениче и без грижа на совест да отидат да се квасат по топлите мориња на светов. Уште позгоден детал: пекарата која ќе го чува стартерот се наоѓа на самиот аеродром Арланда во Стокхолм.  Чувале стартери кои имале и повеќе од 20 години.  

Толку е веста. Во продолжеток едно видео упатство како се прави стартер со помош на грозје односно гроздов шеќер. Трае со денови, на почеток ќе ви мириса лошо ама, верувајте, се исплати.

30 март 2016 - 13:09