Забранетиот документарец за Биби на пат за номинација за Оскар

„Документите за Биби“ кој објавува протечени снимки од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговото семејство како се испрашувани од израелската полиција како дел опширна полициска истрага влезе во последниот круг за номинација за Оскарите 2025.

Документарецот за израелскиот премиер, кој месецов прв пат се појави пред суд, беше забранет за прикажување во Израел од неговото објавување. Филмот е забранет по основа на закони за приватност поврзани со полициски истраги.

Израелските медиуми генерално имаат позитивна критика за документарецот, забележувајќи дека Нетанјаху е прикажан во лошо светло.

Продуцент на филмот е Алекс Гибниј, а режисер е Алексис Блум, и двајцата наградувани за своите претходни документарци. Гибниј се жали дека не може да најде дистрибутер за филмот за прикажување во киносалите во САД.

Нетанјаху е на судење заради измама и нарушување на довербата во три одделни случаи поднесени во 2019. Од овие три, во едно има и обвинение за корупција. Судењето требаше порано да почне, меѓутоа беше одложено заради нападот на Хамас во октомври минатата година.

20 декември 2024 - 11:30