За Оскар без женски и машки категории

Тоа што Холивуд се труди да избега од машкото гледиште на светот, никако не се приметува во годинешната трка за Оскари, каде номинираните се претежно бели и претежно мажи. Повторно.

Природно има луѓе кои се побунија против ова, и одлучија да ги бојкотираат Оскарите по расна и родова основа. Од своја страна, под притисок од се што се случува пред Оскарите, Академијата решава дека ќе потруди гласачите за Оскар да ги направи поразнолики.

Прашањето на Кварц е како може да се постигне шареноликост во индустрија која очигледно има фиксна пристрасност кон белите мажи. Тие предвид го земаат и предлогот на Пацифик стандард од пред некоја година, да има посебни машки и женски награди за сите категории од Оскар - режија, сценарио и.тн, што според нив иако има добро аргументирана логика, и не мора да значи дека тој ќе помогне. Нивниот аргумент е дека решението е во спротивен правец - укинување на категориите.

"Идејата дека жените и мажите имаат некој вродено различен однос и пристап кон глумењето е застарена и треба да се напушти. Ова е посебно точно имајќи ја предвид еволуцијата на нашето сфаќање за половите, и се поголемата видливост на транс и родово не-согласните луѓе во рамките на Холивуд, заради што е се помалку разумно номинираните да се делат во розови и сини кутии," пишува Лукс Алптраум во текстот за Кварц.

Таа признава дека во уметничките и литературните награди во кои нема поделба на машки и женски, вообичаено доминираат белите мажи, меѓутоа од друга страна "ова би можело да доведе и до изедначување на шансите меѓу двата пола, а како дополнителен бонус би можело да се излезе од архетипските улоги кои ги добиваат мажите и жените. Замисли во конкуренција за најдобар актер/ка да се Мајкл Б. Џордан за Крид и Хилари Свонк за Милион Долар Бејби."

Поделбата во Оскарите е уште од првото доделување на наградите, а логиката е дека со тоа ќе им се даде малку повеќе внимание на актерките. Осумдесетина години подоцна, Џина Дејвис институтот открива дека само 30% од филмските улоги се напишани за жени, што е далеку подобро отколку ситуацијата кај режисерите, каде има 14 мажи на една жена.

 

30 јануари 2016 - 12:36