Наречете нè цинични, но има нешто во тоа што Св. Валентин, светецот на заљубените и на среќниот брак, во исто време е и заштитник на оние кои страдаат од епилепсија и од чума. Според една од многуте легенди поврзани со него, тој самиот никогаш не бил во врска, умрел млад, а едно од неговите чуда било лечење од слепило на некоја девојка на која и оставил само порака со потпис „твој, Валентин". Добро, ова е ликот кој треба да асоцира на трајна љубов?
Освен тоа, зошто па на млади-луди заљубени би им била потребна помош од кого и да е, па дури и од светец со сомнителен карактер? Од друга страна, на оние кои се во брак таквата помош им е повеќе од потребна - кога слушаш нечие мрчење по сто пати во денот, кога треба да раскреваш по него или да ја слушаш како веќе не може да раскрева по тебе, кога ја боли глава или кога не му е денот. Еден новинар на Тајм има добри предлози, замена на еден светец со неколку други, посоодветни за оние во долги врски и бракови. Ако се католички, и нам ќе ни се најдат.
Св. Женевјев, заштитничка од катастрофи: Женевјев им носела храна на луѓето во Париз додека градот бил под опсада. Може да се слави како ден кога некој друг оди на пазар или по маркети.
Свети Одило, заштитник на душите во чистилиштето: Одило ги убедил владетелите од негово време да престанат со непријателствата во текот на христијанските празници. Овој ден може да се одбележи со отсуство на мрчење и забелешки упатени кон брачниот партнер во текот на сите 24 часа. Или бар за време на утакмици/турски серии. Тоа што овој светец е главен во Чистилиштето е исто симболично поврзано со бракот - и тој, исто како и ова страшно место, е лошо, но има и полошо (кога ќе стигнеш во пеколот)
Света Димфна, заштитничка на емоционално нестабилните: Татко и на Димфна толку се вознемирил по смртта на жена си што се заљубил во ќерката. Откако таа избегала во Белгија со еден свештеник, тој ја следел, ја фатил и ѝ ја исекол главата. Овој ден може да се мине во патување без роднини во придружба. Па дури и без децата (бонус: истата светица е заштитничка на алкохоличарите)
Света Бландина, заштитничка на неправедно обвинетите: Таа била обвинета за убиство на деца и јадење на нивното месо. Овој ден може да се прослави без притоа никој да не го обвини партнерот за лошо воспитување на децата.
За сите овие празници наместо чоколади, црвени танги и срциња сопружниците можат да си подаруваат мастики за џвакање. Тие се еластични, најпрвин слатки па после гнетави, а плус ако ти се залепат во коса иди извади ги.