Lock, Stock and 2 Rabbis

Кај ортодоксните Евреи (конкретниов случај е во САД) правилото е дека ако жената сака да се разведе од сопругот, таа мора за тоа да добие дозвола од мажот што го разведува, нешто на што мажите не се одма подготвени да се согласат. Деновиве двајца рабини од Бруклин беа уапсени заради "забрзување" на процесот.

Двајцата рабини, Епстајн и Волмарк, биле уапсени по основа на организирање на киднапирања и измачување на мажите кои не сакале да им дадат развод на своите сопруги. Оваа услуга чини 10.000 долари за согласноста од рабинот за преземање на мерките, и уште 50.000 долари за најмување на луѓе кои ќе го извршат делото.

Заедно со рабините во акцијата на ФБИ се уапсени и уште неколку мажи кои го сочинувале "тимот за киднапирање."

"Тие ги врзувале мажите, ги тепале, им пуштале струја и ги гаѓале со пиштоли на струја се додека не го добиеле она што го сакаат," изјавил јавниот обвинител назначен на случајот, Џозеф Грибко.

Првото обвинение против уапсениот рабин е од крајот на 90-те, кога друг рабин пријавил дека бил киднапиран од него и измачуван со електро-шокови се додека не и дал дозвола за развод на сопругата. Тогаш обвинението било отфрлено.

Во разговорот со тајната агентка на ФБИ која од Епстајн побарала помош за развод од сопругот, рабинот и објаснил дека тој преферира да користи техники како електро-шокови затоа што тие оставаат многу мали физички докази за тортура и малтретирање.

"Во основа реакцијата на полицијата е, ако човеков нема некоја лузна на него, тогаш не е важно, сигурно е некој луда еврејска работа, во која тие не сакаат да се мешаат," и објаснил Епстајн на агентката.

12 октомври 2013 - 14:01